Рожницата е транспарентниот преден дел од окото кој е тешко да се поправи кога е сериозно оштетен бидејќи нема крвни садови и има ограничен регенеративен капацитет, пренесува Ројтерс.
Тешките заболувања на рожницата често се лекуваат со трансплантација од донатори, што зависи од достапноста на органи и листите на чекање.
Научниците од Групата за инженерство на ткива и Био-медицинскиот институт Гранада соопштија дека создале импланти направени од рибји крлушки кои се високо био-компатибилни, проѕирни и отпорни.
„Поради своето потекло, производот е лесно достапен, лесен за набавка и со ниска цена, а би можел да помогне и на локалната рибарска индустрија“, вели Ингрид Гарсон, професорка по хистологија и коавтор на студијата.
Иако тестирањето сугерира дека имплантите би можеле да бидат корисни за поправка и регенерација на рожницата, технологијата е сè уште далеку од нејзина употреба кај луѓето и се очекуваат клинички испитувања. Тимот изјави дека материјалот покажал добри функционални резултати во лабораториски студии и кај животни кои ги примиле имплантите.
„Иако стандардната трансплантација обично дава добри резултати, потребно е да се развијат нови ефикасни методи за регенерација кои не зависат од донација на органи, што значи чекање на листи“, рече Мигел Аламинос, исто така професор по хистологија на истиот универзитет.
Истражување од 2016 година на Универзитетот во Антверпен во Белгија, покажа дека вештачките рожници добиени од рибји крлушки се био-компатибилни со луѓето.






