понеделник, 8 декември 2025

Шимпанзата пијат шише пиво на ден од зрело овошје, според ново истражување

Шимпанзата во дивината консумираат презреано овошје, со тоа внесуваат количина алкохол приближно еквивалентна на едно пиво дневно, покажа ново истражување. Научниците веруваат дека ова е доказ дека луѓето можеби наследиле склоност кон алкохол од нивните заеднички предци примати, кои се потпирале на ферментирано овошје за храна – извор на шеќер и алкохол, пренесува Би-би-си њуз.

Фото: Пиксабej

Објавено на

часот

Сподели

„Човечката привлечност кон алкохол веројатно потекнува од ова прехранбено наследство на нашиот заеднички предок со шимпанзата“, изјави истражувачот Алексеј Маро од Универзитетот Беркли во Калифорнија.

Забележано е дека шимпанзата, како и многу други животни, се хранат со презреани плодови кои лежат на шумското тло, но ова е прво истражување кое јасно покажува колку алкохол можеби консумираат. Истражувачкиот тим ја измерил количината на етанол, или чист алкохол, во овошје како што се смокви и сливи што дивите шимпанза ги јадат во големи количини во Брегот на Слоновата Коска и Уганда.

Врз основа на количината на овошје што вообичаено ја јадат, шимпанзата внесувале околу 14 грама етанол – што е еквивалент на едно шише пиво од 330 милилитри. Најчесто консумирано овошје било она со највисока содржина на алкохол.

Истражувањето ја поддржува таканаречената хипотеза за „пијан мајмун“ – идејата дека склоноста на луѓето кон алкохол е наследена од нашите предци примати. Оваа хипотеза првпат ја предложи професорот Роберт Дадли од Универзитетот во Калифорнија, Беркли, кој е коавтор на студијата.

Научниците на почетокот беа скептични. Но, во последниве години, се појавија повеќе записи за „мајмуни кои крадат овошје“, вели професорката Кетрин Хобајтер, приматолог на Универзитетот Сент Ендрус, која не беше дел од истражувачкиот тим.

„Она што го сфаќаме од оваа работа е дека нашиот однос со алкохолот датира длабоко во еволутивното минато, веројатно пред околу 30 милиони години. Можеби за шимпанзата ова е одличен начин да формираат социјални врски, да се дружат на шумското тло, јадејќи ги паднатите зрели плодови“, изјави таа за Би-би-си њуз.

Доктор Кимберли Хокингс, која ги проучува приматите на Универзитетот во Ексетер и не била вклучена во истражувањето, изјавила дека е важно да се напомене дека шимпанзата во оваа студија не консумирале доволно алкохол за да се опијанат.

„Ако се опијанат, тоа очигледно нема да им ги подобри шансите за преживување“, рече таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ