Британскиот геолошки завод (БГС) го подигна нивото на предупредување на највисоко, истакнувајќи дека бурата веќе предизвикала прекини во сателитската навигација и комуникациите.
Експертите предупредуваат дека сегашната сончева бура би можела да се спои со друга, создавајќи таканаречена „канибалска бура“, феномен каде што една експлозија на Сонцето „голта“ друга, создавајќи исклучително моќно геомагнетно нарушување.
Поради овие услови, компанијата Блу Орџин, во сопственост на Џеф Безос, го одложи денешното лансирање на ракетата „Њу глен“, која требаше да го однесе вселенското летало на НАСА, ЕСКАПАДЕ, на Марс. Во официјалното соопштение на Платформата Икс, Блу Орџин наведе дека НАСА одлучила да почека подобрување на временските услови во вселената пред да одреди нов датум за лансирање.
Иако опасностите се значајни, бурата би можела да донесе и спектакуларни глетки, со поларна светлина видлива во делови од Британија. Според БГС, најголема шанса за набљудување имаат жителите на Шкотска, северна Англија и Северна Ирска, додека при поволни временски услови, аурората би можела да биде видлива и во југоисточна Англија.
⚡️Solar storm incoming! We are actively monitoring severe space weather events, occurring on 11-12 November. Severely disturbed geomagnetic conditions are expected to persist for at least 24 to 48 hours.
🔗https://t.co/cmizImQ0EF@esaoperations @MissionSoho pic.twitter.com/E8TKlWrUWj
— European Space Agency (@esa) November 12, 2025
Според Скај њуз, сончевите бури се случуваат кога Сонцето исфрла огромни количества наелектризирани честички и магнетни полиња во вселената. Кога овие честички ќе стигнат до Земјата, тие можат да предизвикаат нарушувања во нејзиното магнетно поле и да влијаат на енергетските системи и навигациските уреди.
БГС истакнува дека оваа бура веќе го произведе најсилното геоелектрично поле на земјата откако се води евиденција. Експертката на БГС, Џема Ричардсон, предупреди дека ова би можела да биде најголемата бура во последните 20 години: „Времето во вселената би можело да има вистинско влијание врз секојдневниот живот на луѓето, од комуникации до снабдување со енергија“.
Според проценките, интензитетот на бурата би можел да достигне ниво Г5, највисока категорија, што укажува на можност за прекини во снабдувањето со електрична енергија, долгорочно губење на ГПС сигналите и нарушување на сателитската ориентација. Сепак, НАСА нагласува дека сончевите бури не претставуваат директна закана за здравјето на луѓето, бидејќи магнетното поле и атмосферата на Земјата нè штитат од најопасното зрачење.






