Можеби звучи „лудо“, но пиење кафе, а потоа дремка, може да биде тајната за поенергично и подобро будење, пишува Њујорк пост.
„Кофеинот се метаболизира за околу 30 минути, а додека се разбудите, можете да добиете двојна корист од освежителен сон и будност од кофеинот“, рече експертот за спиење Џејмс Вилсон.
Науката дефинитивно го поддржува ова тврдење. Студија од 2010 година покажа дека дремката веднаш по пиењето кафе може да ја подобри способноста на мозокот да апсорбира кофеин.
Иако може да изгледа дека кафето може да ве спречи да заспиете, потребно е време кофеинот да дејствува. Експертите од Хелтлајн велат дека пиењето кофеин само 20 минути пред дремка е идеално за мирен сон.
Спиењето подолго од 30 минути може да предизвика поспаност бидејќи може да влезе во подлабока состојба на сон. За да го оптимизирате ноќниот сон, не треба да пиете кафе помалку од шест часа пред спиење.
Идеалната количина кофеин што треба да се консумира пред спиење за да се чувствувате побудно е две шолји кафе или 200 мг кофеин.
Сепак, Вилсон предупреди дека не се сите луѓе исти.
„Важно е да се напомене дека преференциите на секого се индивидуални, па затоа дремката со кофеин може да функционира за некои, а за други не“, рече тој.
Сепак, дремењето има различни здравствени придобивки, особено ако сте лишени од сон.
„Дремката е одличен начин за борба против симптомите на недостаток на сон. Може да ви обезбеди зголемена будноста, да ве направи попродуктивни и може да помогне ако спиете спротивно на вашиот внатрешен „часовник“, на пример, ако сте „ноќна птица“ која мора да стане во 5 часот наутро за работа“, откри Вилсон.






