Идејата е микро-роботите да ѝ помоaгаат на матицата, која е клучна за размножувањето.
На Универзитетот во Грац во Австрија, истражувачи од проектот РобоРојал, финансиран со средства од ЕУ, тестираат микро-роботи кои би можеле да ги зајакнат пчелните заедници така што би ѝ помагале на матицата, клучна за размножувањето.
Планот предвидува роботите да ја хранат, чистат и негуваат матицата, како и да помагаат во рамномерната распределба на нејзините феромони во кошницата.
Раководителот на проектот, Фаршад Арвин, чија работа ја координира Универзитетот во Дарам со партнери од Чешка и Турција, нагласи дека целта не е замена на пчелите, туку прилагодување на реалноста.
Тој истакна дека климатските промени ја надминуваат способноста на пчелите да се приспособат, наведувајќи дека кратки топли периоди во зима можат да ги наведат пчелите да се однесуваат како да пристигнала пролетта, што може да има тешки последици за кошницата ако потоа следи нагло заладување.
Во такви ситуации, роботите би можеле да дејствуваат како поддршка и да спречат изумирање на колонијата, пренесува Еурактив.
Слични истражувања се спроведуваат и во САД.
Во Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ), инженерот Ји-Суан Сјао развива роботи со големина на инсект, дизајнирани за опрашување на посевите.
Овие мали дронови, полесни од спојувалка за хартија, можат да летаат со брзина до два метра во секунда и да останат во воздух повеќе од 1.000 секунди.
Само помош, не и замена
Истражувачите нагласуваат дека роботите не треба да ги заменат пчелите, туку да ги надополнуваат.
Сепак, критичарите, вклучувајќи ја и Синди Адолф, претставничка на еколошката организација „Билиф“, предупредија дека технолошките решенија не смеат да го одвлечат вниманието од подлабоките промени потребни во земјоделството и односот на човекот со природата.
Во исто време, пчелари, како Клаудија Фернандес Гутијерес од северот на Шпанија, велат за Еурактив дека кошниците од година во година се сè попразни, а семејствата послаби.
„Сè помалку има пчели. По зимата многу во кошницата се мртви. Тешко опстануваат поради нестабилните временски услови“, изјави таа.
Според неа, климатските промени се важен фактор, но не се единствената причина за намалувањето на опрашувачите.
Паразитот вароа, исто така, предизвикува голема штета, како и инвазивниот азиски стршлен, кој може да изеде до 50 пчели дневно.
Дополнителен проблем се пестицидите, поради што Европската Унија воведе мерки како што е забрана за увоз на храна со остатоци од неоникотиноиди, хемикалии кои се исклучително штетни за пчелите.
Научниците долго време предупредуваат за намалувањето на бројот на опрашувачи, кои се клучни за екосистемите и производството на храна.
Земјите-членки на ЕУ мора да воспостават нов систем за следење на видовите опрашувачи до декември 2026 година, но запирањето на негативниот тренд останува голем предизвик.






