За време на истражувањето, беше утврдено дека луѓето кои секојдневно посветуваат само малку повеќе од една минута на интензивни вежби имаат многу помал ризик да умрат во следните шест години од оние кои воопшто не вежбаат, пренесува Тајмс.
Доволно е да направите пет или шест напорни активности, од кои секоја треба да трае само 10 секунди, велат истражувачите.
Како што истакнува научникот Емануел Стаматакис од Универзитетот во Сиднеј во Австралија, само околу 15 отсто од возрасните вежбаат редовно.
„На поголемиот дел од возрасната популација им е тешко, или не се трудат, или не можат да го вклопат редовното вежбање во секојдневието“, заклучи тој.
Истражувањето опфатило 3.300 Американци со просечна возраст од околу 51 година, кои рекле дека не практикуваат никакви специфични редовни вежби. Оние кои правеле напорни активности само една минута дневно, како што се качување по скали, трчање по деца или носење тешки торби за пазарење, имале 38 отсто помал ризик да умрат во следните шест години отколку луѓето кои не го правеле тоа.
Според истражувањето на Националната здравствена служба (НХС), возрасните на возраст од 19 до 64 години треба да имаат најмалку 150 минути умерена или 75 минути интензивна активност неделно.
Претходно истражување, исто така предводено од Стаматакис, откри дека луѓето кои вежбале три до четири пати на ден, вкупно околу 4,5 минути, имале 33 проценти помал ризик од фатални срцеви заболувања во текот на седумте години од истражувањето. Истовремено, ризикот од смрт од рак или некоја друга болест им бил намален за 28 отсто.






