Делото на архитектот Антони Гауди сега е високо 162,91 метри, надминувајќи ја кулата на готската црква Улм Минстер во Германија, која е висока 161,53 метри, пренесува Гардијан.
Иако црквата формално не полага право на таа титула, според мерењата сега е повисока за 1,38 метри од германската црква во Баден-Виртемберг.
Работата на Саграда Фамилија сè уште е во тек – централната кула на Исус Христос ќе достигне висина од 172 метри кога ќе биде завршена во наредните месеци.
Првиот дел од кулата беше поставен вчера со кран. Камен-темелникот на базиликата беше поставен во 1882 година, Гауди, кој почина во 1926 година, не очекуваше црквата да биде завршена за време на неговиот живот.
Во моментот на неговата смрт беше завршена само една кула. Во последните децении изградбата се забрза, бидејќи Саграда Фамилија стана едно од најпосетените туристички места во светот.
Препознатливиот стил на Гауди, кој ги комбинира католичката симболика и формите инспирирани од природата, привлекува милиони посетители, истакнуваат медиумите.
Минатата година, 4,9 милиони луѓе платиле билет за разгледување, собраните пари се користат за финансирање на понатамошни работи.
Изградбата на фасадите и внатрешната декорација ќе продолжи уште неколку години, црковните официјални лица проценуваат дека базиликата ќе биде целосно завршена за околу десет години.
Следната година се одбележува 100-годишнината од смртта на Гауди, по тој повод црквата ќе организира настани посветени на неговото наследство.






