Истражувачите рекоа дека роверот со шест тркала открил геолошки карактеристики до 35 метри под земја на 6,1 километар терен во кратерот Језеро, област во северната хемисфера на Марс за која се верува дека некогаш била поплавена со вода, објави Ројтерс.
Роверот Персеверанс идентификуваше слоевити седименти и еродирани површини што укажуваат на постоење на делта и големи седиментни наслаги формирани таму каде што реката се влева во поголема водена површина како езеро.
Се проценува дека затрупаната делта потекнува од период од 3,7 до 4,2 милијарди години.
Le rover Perseverance de la Nasa découvre un ancien réseau fluvial sur Marshttps://t.co/pyjIlJlocS
par @Le_Figaro— Caddarik (@citroyen) March 18, 2026
Марс, како и Земјата, е формиран пред приближно 4,5 милијарди години, што значи дека оваа делта постоела релативно рано во историјата на Црвената планета.
Истражувачите велат дека оваа делта претходи на слична блиска површинска структура наречена Западна Делта, која датира од пред 3,5 до 3,7 милијарди години.
Инструментот Римфакс на роверот испраќа радарски импулси надолу и ги снима импулсите што се одбиваат од подземните структури, овозможувајќи тродимензионално мапирање на подземјето.
Новите наоди се базирани на најдлабоките податоци од Римфакс собрани досега, добиени од септември 2023 до февруари 2024 за време на период од 250 марсовски денови.
Бидејќи водата се смета за клучна за можноста за живот на Марс во минатото, сè поголемиот број докази за нејзиното постоење на таа планета во минатото е од особен интерес.
Марс, сега студен и пуст, некогаш имал погуста атмосфера и потопла клима, што овозможувало течна вода на неговата површина.
„Врз основа на карактеристиките мапирани од Римфакс, веруваме дека кратерот Језеро бил домаќин на древна, богата со вода средина способна да зачува биолошки потпис што постоел пред формирањето на западната делта Језеро“, изјави планетарниот научник од УКЛА, Емили Кардарели, член на научниот тим Персерванс и главен автор на истражувањето објавено во средата во списанието Сајанс адванс.
Биолошкиот потпис се однесува на хемиски или физички докази што укажуваат на минат или сегашен живот. На Земјата, речните делти се места каде што се концентрираат седименти и се создаваат ниши погодни за микробиолошки живот.
Научниците минатата година објавија дека примерок од карпа добиен од Персеверанс во кратерот на Језеро содржи потенцијален биолошки потпис што укажува на древен микробиолошки живот, иако минералите во примерокот можеби се формирале и преку процеси што не се биолошки.
Карпата датира од пред 3,2 до 3,8 милијарди години. Персеверанс од 2021 година го истражува кратерот Језеро. Научниците веруваат дека речните канали се излеале преку ѕидот на кратерот и создале езеро.






