Линдзи (35) и Тим Пирс (34) станаа родители на малиот Тадеус Даниел Пирс во саботата, во настан што семејството го опиша како „нешто од научнофантастичен филм“. Претходниот рекорд го држеа близнаци родени во 2022 година, од ембриони замрзнати во 1992 година, пренесува Би-би-си.
Ембрионот е создаден во 1994 година кога Линда Арчард (62) и нејзиниот тогашен сопруг биле подложени на ин витро фертилизација. Од четирите ембриони, еден бил искористен за раѓање на нејзината ќерка, додека три останале замрзнати. Иако подоцна се развела, Линда не сакала да ги уништи ембрионите, да ги донира за истражување или анонимно да ги даде на друго семејство.
Таа плаќала за складирање со години, сè додека не нашла христијанска агенција за посвојување ембриони, „Најтлајт христијански адаптонс“, преку нивната програма „Снегулки“. Според програмата, донаторите можат да изберат да ги дадат своите ембриони на некого врз основа на религиозни, етнички и национални критериуми.
Exclusive: A record-breaking baby has been born from an embryo that’s over 30 years old https://t.co/F0gLtfVPVc
— MIT Technology Review (@techreview) July 29, 2025
Линда сакала ембрионот да оди кај христијанско, бело семејство кое живее во САД, и така се поврзала со двојката Пирс. Постапката била извршена во клиниката „Радувај се на плодност ИВФ“ во Тенеси, која вели дека ги имплантира сите ембриони што ги прима, без оглед на возраста.
„Не се обидувавме да срушиме рекорд, само сакавме да имаме дете“, изјави Линдзи.
Линда Арчард сè уште не го запознала бебето лично, но вели дека веќе забележува сличности со сопствената ќерка.






