Холивудската икона учествувал во некои од најлегендарните филмови во кинематографскиот свет, вклучувајќи ги Таксист, Добри момци, Кум, Разбеснетиот бик, Приказна од Бронкс и Џеки Браун, и уште многу други. На овогодинешниот филмски фестивал Трибека, 81-годишниот глумец ќе се потсети на својот опус во Казино и Запознајте ги родителите на специјални проекции по повод годишнината заедно со Мартин Скорсезе и Бен Стилер.
Во интервју за Метро, по повод фестивалот што тој го основа во 2002 година со продуцентката Џејн Розентал, тој се осврна на тоа како е да се гледа на сопствената кариера од временска дистанца. На прашањето дали сфаќа кога повторно ги гледа тие проекти колку е добар пред камерата, тој даде изјава во свој стил.
„Можно е… Најчесто само го гледате и ви се гади, но можно е. Особено ако поминале многу, многу години помеѓу снимањето и моментот кога повторно тоа го гледате. Тогаш можете да бидете малку пообјективен“, кажа глумецот.
На прашањето дали сега ги гледа филмовите со други очи, особено со публика, тој објасни: „Нема да ги гледам со публика – можеби и ќе ги гледам. Ќе се обидам да ги гледам, но не со публика. Давам едно интервју пред проекцијата и едно потоа“.
Роберт Де Ниро нè забавува со децении и очигледно нема намера да престане; на почетокот на оваа година го имаше своето телевизиско деби во серијата на Нетфликс „Нулти ден“. Неодамна ги играше Вито Џеновезе и Френк Костело во Витезите на Алто, а наскоро ќе го видиме во Човекот со шепот заедно со Мишел Мојнахен, Адам Скот и Мајкл Китон.
Сепак, во интервју за Џи кју, тој откри дека има уште нешто што би сакал да го направи во својата кариера. „Секогаш сум размислувал дека би сакал да ги гледам сите мои филмови“, кажа тој. „Прегледувајќи ги по редоследот по кој ги снимав и гледајќи повторно сè што сум направил во мојот живот. Не знам дали некогаш ќе успеам да го направам тоа, но мислам дека би сакал.“