Без разлика колку години имате, никогаш не е предоцна да преминете на поздрава исхрана. Новото истражување, спроведено од научници од Харвард, покажува дека промените во исхраната во средната возраст може да имаат големо влијание врз квалитетот на животот подоцна. Наместо вашето здравје да се влошува со возраста, се покажува дека паметните избори во исхраната можат да придонесат за виталност и зачувување на функциите на телото и умот.
Во оваа голема студија, во која учествувале повеќе од 100.000 учесници, научниците анализирале како исхраната од 40-тата до речиси 70-тата година влијае врз здравјето во подоцнежниот живот. Тие сметале дека здравото стареење е достигнување на седмата деценија од животот без хронични болести, со зачувани ментални способности, мобилност и емоционална стабилност.
Учесниците беа оценувани според осум различни модели на исхрана, но таканаречениот АХЕИ – Алтернативен индекс на здрава исхрана, кој беше развиен на Харвард, се покажа како најефикасен. Оние кои најдоследно се придржуваа до него имаа 86 проценти поголеми шанси да достигнат старост во добро здравје, а нивните шанси да живеат без сериозни проблеми на 75-годишна возраст беа двојно поголеми од оние кои ги игнорираа овие правила.
АХЕИ истакнува пет важни групи на храна:
- свежо овошје и зеленчук,
- мешунки,
- цели зрна,
- јаткасти плодови
- незаситени масти.
Млечните производи со ниска масленост се пожелни во умерени количини, додека во фокусот е исхрана базирана на растенија. Од друга страна, некои намирници треба да бидат само повремени гости во вашата чинија. Ова, пред сè, се однесува на газирани и засладени пијалаци, преработено и црвено месо, индустриски масти и прекумерна количина сол.
Интересно е што овој модел не бара строго откажување од сите животински производи. Клучот е во рамнотежата. Растенијата треба да преовладуваат, додека квалитетната животинска храна е добредојдена во помали количини.
Пораката на научниците е едноставна, но моќна – ако сакаме да останеме здрави, витални и присутни во сопствениот живот што е можно подолго, важно е да внимаваме што јадеме сега.






