среда, 23 јули 2025

Речиси две третини од работниците во Велика Британија пијат поради притисок на работа

Стресот, притисокот и вознемиреноста на работа ги натерале вработените да пијат повеќе во изминатата година, според истражувањето на британската организација Алкохол чејнџ УК (Alcohol Change UK).

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Дури 64 проценти од британските работници консумираат алкохол од причини поврзани со работата, според експертите од организацијата што го спровела истражувањето.

На количеството на алкохол што го пијат вработените влијаат стресот, притисокот и вознемиреноста што произлегуваат од ситуациите на работното место. Истражувањето, исто така, открило дека еден од пет работници пијат за да можат да ја завршат работата на време, додека речиси 10 проценти чувствуваат притисок од нивниот шеф или колегите да пијат.

Добротворната организација што го спровела истражувањето ги повика работодавците да размислат за тим билдинг „без алкохол“ и други социјални настани за да можат вработените да се чувствуваат прифатени.

„Не велиме дека воопшто не треба да одите во паб, дека не треба да пиете по работа, туку само се обидуваме да бидеме поинклузивни и да создадеме поздрави, поинклузивни работни места, бидејќи не секој пие алкохол, и тоа од различни причини“, изјави Џејн Гардинер од Алкохол чејнџ за Скај њуз.

Патрик Фокс е поранешен банкар што престанал да пие во 2018 година по години уживање во излегувањата поврзани со пиење. Тој за Скај њуз вели дека колегите често го притискале да пие и дека на крај поради тоа му се уништила љубовната врска.

„Излегував на пијалаци во четврток и петок по работа. Тоа често продолжуваше и во текот на викендот. Па се чувствував прилично ужасно во недела попладне и се плашев да одам на работа во понеделник“, објаснува Патрик, додавајќи дека има толку многу различни компании каде што алкохолот е централен дел од овие „билдинг“ вежби, што дополнително го зголемува притисокот врз вработените да бидат дел од екипата за пиење.

Се проценува дека отсуството од работа поради консумирање алкохол на работното место ја чини економијата на Велика Британија дури 4 милијарди фунти (4,6 милијарди евра) годишно.

Сепак, бројот на возрасните во Велика Британија што пијат алкохол се намали во последниве години. Според најновите бројки, 56% од возрасните пријавиле дека пиеле алкохол во 2022 година, во споредба со 61% во 2012 година.

Според Скај њуз, Генерацијата З пие значително помалку алкохол, а периодите на апстиненција како што е „Сув јануари“ стануваат сè почести, а безалкохолните или пијалаците со низок процент на алкохол стануваат сè попопуларни.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ