понеделник, 16 март 2026

Психијатар објасни како негативните мисли влијаат на мозокот и зошто е важно да се прекине тој образец

Негативниот став ја ослабува нашата меморија, ја намалува отпорноста на стрес и нè прави емоционално нестабилни. Дали некогаш сте се запрашале дали вашите мисли оставаат траги што одат подлабоко од вашето моментално лошо расположение? Верувањето дека песимизмот и загриженоста се само минлива состојба на умот може да биде погрешно.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Невронауката придонесе за ова, откривајќи ја вистината: начинот на кој размислуваме во реално време ја менува физичката структура на мозокот. Негативните ментални обрасци буквално го ставаат нашиот фронтален лобус (дел или регион на мозокот), контролниот центар на мозокот, во состојба на спиење, правејќи нè поподложни на стрес, болка и анксиозност. Сепак, добра вест е дека овој процес не е еднонасочна улица.

Негативните мисли го ослабуваат нашиот фронтален лобус

Познатиот психијатар Даниел Амен ги сподели резултатите од неодамнешна студија во која се анализирани скенирања на мозокот на луѓе кои се борат со анксиозност. Она што го откриле го доведува во прашање вообичаеното мислење дека мислите се само привремени ментални случувања. Истражувањето покажува директна врска помеѓу негативното размислување и функцијата на мозокот, влијаејќи на сè, од нашата способност да се концентрираме до интензитетот на физичката болка што ја чувствуваме.

Слабеење на фронталниот лобус

Истражувачкиот тим на Амен проучувал речиси две илјади лица со анксиозност за да види како постојаните негативни обрасци на размислување влијаат на мозочната активност. Резултатите биле јасни – колку почесто лицето се препушта на негативни мисли, толку е послаба функцијата на фронталниот лобус на мозокот.

Фронталните лобуси се еден вид контролен центар на мозокот. Тие ни помагаат да останеме фокусирани под притисок, да ги регулираме емоционалните реакции, да донесуваме внимателни одлуки и да го смириме нервниот систем кога е под стрес. Исто така, играат клучна улога во регулирањето на чувството на болка.

Поврзаност со анксиозност и депресија

Кога активноста на фронталниот лобус се намалува, мозокот станува пореактивен, полесно се вознемирува и почувствителен на стрес.

Студијата покажа неколку интересни образци кај лица со изразен негативен начин на размислување. Кај нив е забележан послаб проток на крв во фронталниот лобус, што е силно поврзано со зголемена анксиозност, депресија, наметливи мисли и емоционална нестабилност. Исто така е забележана намалена активност во фронталните, темпоралните и париеталните делови на мозокот, региони клучни за когнитивна контрола и регулирање на емоциите.

Во исто време, одредени области на малиот мозок биле поактивни од вообичаено, што укажува дека мозокот се обидува да компензира за послабата функција на фронталниот лобус со зголемена загриженост и постојана будност. Учесниците со изразени негативни обрасци на размислување, исто така, покажаа послаба меморија, послаба регулација на стресот и помала психолошка отпорност.

Маѓепсан круг на негативни мисли

Овие истражувања се вклопуваат и во пошироката работа на Амен за надежта и среќата. Во паралелни истражувања се покажа дека луѓето кои пријавуваат ниско ниво на надеж или задоволство од животот покажаа многу сличен модел – намалена активност на фронталниот лобус. Со други зборови, мозокот станува помалку способен да го смири сопствениот внатрешен алармен систем, создавајќи маѓепсан круг кој е тешко да се прекине.

Тој циклус изгледа некако вака: негативните мисли ја намалуваат активноста на фронталниот лобус, што ја влошува регулацијата на емоциите, ги зголемува чувствата на болка и вознемиреност, а потоа создава повеќе негативни мисли. Кога фронталните лобуси се забавуваат, поголемо влијание презема таламусот, дел од мозокот што делува како еден вид сензорна порта. Тогаш секоја непријатна сензација станува поинтензивна, а стресот се доживува посилно од вообичаеното.

Можно е свесно да се зајакнат деловите од мозокот одговорни за смиреност, јасност и емоционална стабилност.

Пет начини на создавање отпорност

Добра вест е дека тој процес не е неповратен. Мозокот е исклучително пластичен, што значи дека може да се менува и прилагодува во текот на животот. Токму затоа е можно свесно да се зајакнуваат деловите на мозокот одговорни за смиреност, јасност и емотивна стабилност.

Еден од начините, истакнува познат психијатар, е негативните мисли да ги набљудуваме како научни хипотези, а не како апсолутни вистини. Кога ќе се појави песимистична мисла, корисно е да се застане и да се запрашаме: Дали оваа мисла е точна? Дали е корисна? Постои ли друг начин да ја согледам оваа ситуација? Таквиот ментален „чекор наназад“ ги активира фронталните лобуси и ја прекинува автоматската спирала на негативност.

Важна улога има и надежта. Таа не е само емоција, туку состојба на мозокот што го поддржува здравјето на фронталниот лобус. Активностите што создаваат чувство на напредок – поставување мали цели, учење нови вештини или планирање за иднината – ги зајакнуваат невронските патишта поврзани со оптимизмот.

Негативните мисли, исто така, можат да го засилат чувството на болка, па управувањето со менталната состојба станува подеднакво важно како и грижата за телото. Техники како свесно дишење, кратки вежби за заземјување или стабилна дневна рутина му помагаат на нервниот систем да го препознае чувството на сигурност и да спречат стресот да прерасне во физичка напнатост.

Стручњаците ја нагласуваат и важноста на основните животни навики. Фронталните лобуси најдобро функционираат кога имаме доволно сон, стабилно ниво на шеќер во крвта и кога избегнуваме супстанции што ја забавуваат нивната активност – како алкохол или канабис.

Подеднакво важна е и новината во секојдневието. Учењето нови работи го активира и зајакнува фронталниот лобус. Ова може да биде ново хоби, спорт што бара координација, како што се тенис или бадминтон, или дури и едноставна промена на рутата за време на утринската прошетка.

Сето ова води до еден интересен заклучок: нашите мисли имаат многу поголема моќ отколку што често мислиме. Тие не само што го обликуваат нашиот поглед на светот, туку буквално го менуваат начинот на кој нашиот мозок ги обработува емоциите, ги толкува физичките сензации и реагира на животните предизвици.

Негативните мисли секогаш ќе бидат дел од животот, меѓутоа не мора да управуваат со нашиот внатрешен свет. Кога своите мисли ги набљудуваме со доза љубопитност, наместо автоматски да ги прифаќаме како факти, не го менуваме само расположението. Градиме мозок кој е поотпорен, поурамнотежен и долгорочно поспособен да го поддржи нашето ментално и физичко здравје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ