Годишното рангирање на Индексот на среќа разгледува неколку клучни фактори за да се утврди колку е „среќен“ еден град. Градовите се оценуваат врз основа на управувањето и граѓанскиот ангажман, економијата, здравјето, животната средина и мобилноста, пренесува Нова.
Оваа година победник е Копенхаген, „кој беспрекорно ги спојува историјата, модерноста и одржливоста“, како што е објаснето на веб-страницата на „Индекс на среќен град“. Вкупно освоил 1.039 поени за среќа.
Копенхаген е познат по својата посветеност на образованието и иновациите. Високо образовано население го дефинира градот, каде 20 отсто од граѓаните имаат магистерски студии, 86 отсто течно зборуваат барем еден странски јазик, а импресивни 98 отсто поседуваат дигитални вештини.
Транспарентноста и граѓанскиот ангажман се составен дел од управувањето во Копенхаген. Градот одржува активна и партиципативна демократија, со излезност на гласачите од 60 отсто на последните локални избори.
Здравјето и благосостојбата се темелите на животот во Копенхаген. Градот се гордее со универзално здравствено осигурување, со секој жител осигурен и 4,4 лекари на 1.000 жители. Очекуваниот животен век е 79,9 години, поддржан од балансиран начин на живот кој вклучува просечна работна недела од 37 часа.
Градот е „длабоко посветен на одржливоста на животната средина“ и 69 отсто од неговиот транспорт е „еколошки“.
Економијата на Копенхаген напредува благодарение на динамичното деловно опкружување. Градот има 230,2 бизниси на 1.000 жители, што го поттикнува претприемништвото и економскиот раст. Ниската стапка на невработеност од 4 отсто зборува за здрав пазар на трудот, а платите во градот се значително повисоки од националниот просек, со отстапување до 60 отсто.
Копенхаген има дури и свој Музеј на среќата.
„Мал музеј за големите работи во животот“ им помага на посетителите да разберат зошто Данска е толку среќна, пренесува Дејли меил.
Втор на листата е Цирих со вкупно 993 поени за среќа. Најголемиот град во Швајцарија е „познат по својата економска сила, висок квалитет на живот и посветеност на одржливоста“.
Сингапур е град со највисок резултат надвор од Европа, со вкупно 979 поени и е на третото место на индексот. Добива високи оценки за своите „светски познати универзитети“, високо ниво на „граѓански ангажман“ и екстремно ниска стапка на невработеност.
Уште еден дански град Орхус е на четвртото место на листата со 958 бодови, а Антверпен во Белгија ја заокружува првата петорка со 956 бода.