Сонот на секоја разузнавачка агенција изгледа како голем комарец, има две ситни крилја слични на пердуви, тесно тело и стои на три нозе.
Сепак, тоа не е комарец, тоа е мини-дрон развиен од кинескиот Национален универзитет за одбранбена технологија (НУДТ).
Наменет е за тајни воени операции и извидувачки мисии, пишува хонгконшкиот весник „Саут Чајна Морнинг Пост“. Извидувачкото летало беше претставено во извештај на воениот канал ЦЦТВ7 на кинеската државна телевизија.
Едвај забележливото беспилотно летало го претстави истражувачот на НУДТ, Лианг Хексианг, кој исто така работи на хуманоидни роботи.
„Овде во мојата рака е робот кој личи на комарец. Минијатурните бионички роботи како овој се особено погодни за разузнавачки извидувачки мисии и специјални операции на бојното поле“, рече Хесјанг.
Исто така, беше изложен прототип на уште едено мини летало со четири крила што може да се контролира преку паметен телефон.
Изненадувачки е не само напредокот што го постигна кинеската војска во областа на роботиката, туку и фактот што јавно се прикажува шпионското беспилотно летало со големина на комарец.
Со години, воените инженери ширум светот се натпреваруваат за производство на најмалите и најмоќните можни беспилотни летала. Компонентите како микрофони и камери, контролен систем, напојување и други делови мора да се инсталираат на што е можно помал простор. Во исто време, беспилотното летало мора да биде тивоко, издржливо и да има голем дострел.
Развојот на ситни беспилотни летала бара знаење од роботиката, науката за материјали и технологијата на сензори – експертиза која е првенствено достапна во воените институции.
Американската војска исто така работи на верзии на мини беспилотни летала, објавија американските воздухопловни сили уште во 2021 година. Сепак, американската војска сè уште не дава детали за тоа колку напреднал развојот и кои модели се веќе во употреба.