Арктикот е регион кој се загрева дури четири пати побрзо од глобалниот просек, предупредуваат експертите од Агенцијата за следење на океаните, атмосферата и климата при американското министерство за трговија (НОАА), пренесува лондонскиот Гардијан.
Научниците тврдат дека невообичаено топлото време на Арктикот во текот на изминатата година, предизвикано од климатската криза што носи повлажно време на далечниот север, ја намалило дебелината на морскиот мраз.
„Од октомври 2024 до септември 2025 година, температурите низ целиот арктички регион беа најтопли во последните 125 години водење евиденција“, соопшти НОАА, а последните 10 години беа најтоплите досега регистрирани на Арктикот.
Поради согорувањето на фосилните горива, Арктикот, кој се нарекува светски фрижидер и делува како клучен регулатор на климата за остатокот од планетата, се затоплува четири пати побрзо од глобалниот просек.
Според записите на NOAA, максималниот обем на морскиот мраз во Арктикот во 2025 година бил најмал во последните 47 години сателитско следење.
Оваа година беше рекордна и по количината врнежи на Арктикот, а поголемиот дел од врнежите не се таложи како снег.
Степенот на снежна покривка над Арктикот во јуни сега е половина помал од оној што беше пред шест децении.






