Паста за заби
Многумина веруваат дека пастата за заби ќе ги дезинфицира и исуши акните. Овој мит упорно опстојува, и покрај предупредувањата на дерматолозите.
Претпоставката дека пастата за заби е одлична за акни произлегува од фактот дека многу пасти за заби содржат триклосан, состојка што се користи во широк спектар на сапуни и средства за чистење за да се спречи растот на габи и бактерии. Сепак, покрај општата загриженост за алергии и отпорност на бактерии, триклосан може да го оштети ендокриниот систем.
„Пастата за заби може да предизвика повеќе штета отколку корист, бидејќи содржи состојки кои ја зајакнуваат глеѓта, ги избелуваат забите, го намалуваат забниот камен и спречуваат појава на кариес. Овие состојки не се безбедни ниту нежни за кожата, особено за кожата на лицето“ изјави доктор Саманта Штајн. Според тоа, пастата за заби може да ги влоши акните.
Наместо тоа, Штајн препорачува употреба на 1 процент салицилна киселина или 2,5 проценти бензоил пероксид за акни. Доколку мозолчето е екстремно големо или болно, таа советува да се посети лекар.
Водород пероксид
Доктор Штајн објаснува дека водородниот пероксид се користи на рани бидејќи има антисептички својства, па за многумина логичниот заклучок бил дека мора да е одличен и за акни. Сепак, користењето на водород пероксид на кожата воопшто не е добро.
„Освен што се бори против лошите бактерии, водородниот пероксид се бори и против добрите бактерии на кожата. А тие добри бактерии ни се потребни за силна бариера на кожата и нејзино нормално функционирање. Покрај тоа, ја иритира кожата и предизвикува црвенило и воспаление“, објаснува д-р Штајн.
Мириси
За разлика од пастата за заби и водородниот пероксид, има моменти кога користењето на производ или состојка со мирис е во ред. Но, како општо правило, д-р Штајн препорачува нејзините пациенти да се одлучат за производи без мирис.
Не велам дека никогаш не треба да ги користите, но мирисите навистина можат да бидат честа причина за контактни алергии – објаснува таа. Ничија кожна бариера не е совршена. Но, без оглед на типот или состојбата на кожата, секогаш е подобро да се користат производи без мирис, бидејќи тие можат да навлезат во бариерата на кожата и да предизвикаат иритација.
Кога станува збор за нега на кожата и козметика, предност треба да се даде на производи кои се опишани како „хипоалергенски“, „без мирис“, „препорачано од дерматолог“ или наменети за чувствителна кожа.
За оние кои носат парфем секојдневно, Штајн препорачува прскање на облеката наместо на кожата. Ако сакате да го нанесете на кожата, нанесете го на зглобовите, каде што е помала веројатноста да бидете изложени на сонце.
Неомицин и полимиксин Б
Неомицин и полимиксин Б се антибиотици што може да се користат одделно или во комбинација за лекување на бактериски инфекции на кожата. Докторката вели дека треба да се избегнуваат, бидејќи често предизвикуваат алергиски контактен дерматитис. Таа ги советува пациентите да користат обичен вазелин наместо тоа. Нема разлика во третманот меѓу нив и има многу помал ризик од алергиска реакција на вазелин.
Пилинг од сол и шеќер
Овие гранули се користат за ексфолијација и отстранување на мртвите клетки на кожата. Но, тие можат да предизвикаат мали пукнатини во бариерата на кожата, што ја прави поподложна на воспаление и иритација. Во овие пукнатини можат да навлезат и бактерии, па затоа треба да избегнувате вакви видови на пилинг, особено на лицето.
Овие пилинзи најчесто се со мирис и боја, што е идеално за иритација. Исто така, д-р Штајн додава дека тие можат да ги отстранат природните масла, нарушувајќи ја бариерата на кожата и правејќи ја поподложна на губење на вода. Резултатот е сува и чувствителна кожа.