Трагите од сечење на скелетите на десетици кучиња пронајдени на археолошки локалитети низ денешна Бугарија покажуваат дека пред околу 2.500 години, жителите на регионот јаделе кучешко месо. А причината не била глад или недостаток на избор, пренесува Лајв сајенс.
„Кучешкото месо не било нешто што се јадело поради сиромаштија, бидејќи овие локалитети се богати со добиток, кој бил главен извор на протеини. Доказите покажуваат дека кучешкото месо било поврзано со одредена традиција која вклучувала заеднички гозби“ изјави Стела Николова, археолог по зоологија од Националниот археолошки институт при Бугарската академија на науките и авторка на студијата.
Иако консумирањето кучешко месо се смета за табу во современите европски општества, тоа не било секогаш така. Историските записи споменуваат дека старите Грци понекогаш јаделе кучешко месо, археолошката анализа на кучешки скелети од Грција ги потврдила тие приказни.
Десет археолошки локалитети
Во текот на железното доба (5-ти до 1-ви век п.н.е.), културна група позната како Тракијци живеела североисточно од Грците. Грците и Римјаните ги сметале Тракијците за нецивилизиран и воинствен народ, а во средината на 1 век од н.е., Тракија станала провинција на Римското Царство. Како и Грците, се вели дека Тракијците јаделе кучешко месо.
За да го истражи прашањето дали Тракијците јаделе кучиња, Николова ги испитала скелетите и претходно објавените податоци од 10 археолошки локалитети од железното време низ Бугарија. Открила дека повеќето кучиња имале муцки со средна големина и средна до голема висина во гребенот, што значи дека биле големи колку денешните германски овчари.
Но, голем број траги од колење на многу коски откриле дека кучињата за Тракијците не биле најдобрите пријатели на човекот.
„Најверојатно биле кучиња чувари, бидејќи на локалитетите има многу добиток. Не верувам дека на нив гледале како на миленици во современа смисла“, изјави Николова.
На локалитетот Емпорион Пистирос, трговски центар од железното време во внатрешноста на Тракија, археолозите пронашле повеќе од 80.000 животински коски, а кучињата сочинувале 2 проценти од вкупниот број. Кога Николова внимателно ги прегледала кучешките коски од Пистирос, открила дека речиси 20 проценти од нив имаат траги од колење направени со метални алатки. Две долни кучешки вилици имале и изгорени заби, што веројатно е резултат на отстранување на влакната и крзното со оган пред касапење и готвење.
„Најголем број на исеченици и фрагментации е забележан во деловите со најгусто мускулно ткиво, горниот дел од задните екстремитети. Исто така, има исеченици на ребрата, иако кај кучињата тие би дале малку месо“, рече таа.
Засечувањата што ги забележала кај кучињата го следеле приближно истиот образец како и оние кај овците и говедата на тој локалитет, што сугерира дека сите животни биле колени на сличен начин.
Бидејќи Тракијците имале многу други животни традиционално поврзани со консумирање месо, како што се свињи, птици, риби и диви цицачи, Николова не верува дека Тракијците јаделе кучиња од крајна потреба.
Во Пистирос, коски од заклани кучиња беа откриени во фрлени остатоци од гозби и во купишта отпадоци од домаќинството, додаде Николова, што значи дека кучешкото месо можело да се консумира на различни начини.
„Значи, иако било поврзано со одредена традиција, оваа практика не била ограничена само на тоа и претставувала повремен деликатес“, рече таа.
Неколку други бугарски археолошки локалитети што Николова ги истражувала имале докази за исечени и изгорени кучешки коски, како и локалитети во Грција и Романија, што значи дека „консумирањето кучешко месо не можеме да го означиме како единствено за древна Тракија, туку како донекаде редовна практика што се спроведувала во 1 милениум п.н.е. во североисточниот Медитеран“, напишала Николова во својата студија.
Николова планира понатаму да ја истражи улогата на кучињата во Пистирос како дел од проектот Корпус Анималиум Трацикорум. Таа забележува дека заклани кучиња во Пистирос датираат од раното железно доба, но дека подоцна луѓето таму почнале да закопуваат цели кучиња, па затоа се надева дека ќе утврди дали со текот на времето имало промена во ставовите на луѓето што ги направило кучињата помалку прифатлив извор на храна.






