понеделник, 6 април 2026

Повторувањето на оброците може да помогне во губењето на тежината

Едно истражување покажа дека поедноставувањето на исхраната со редовно јадење на исти оброци и одржување на конзистентено внесување калории може да го зголеми губењето на тежината. Истражувачите откриле дека лицата кои следеле предвидлива рутина на исхрана 12 недели изгубиле повеќе тежина од оние кои јаделе поразновидна храна, објави Експрес.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

„Одржувањето здрава исхрана во денешната средина бара постојан напор и самоконтрола. Создавањето рутини околу оброците може да го намали овој товар и да ги направи здравите избори поавтоматски“, изјави раководителката на студијата, д-р Шарлот Хагерман, од Истражувачкиот институт во Орегон, САД.

Методологија на истражување

Во студијата учествувале 112 возрасни лица со прекумерна тежина или дебелина, од кои било побарано да водат детални дневници за исхрана. Во текот на 12 недели, тие евидентирале сè што јаделе преку мобилна апликација и се мереле секојдневно. Потоа истражувачите анализирале колку била структурирана исхраната на секое лице, следејќи ја стабилноста на нивното внесување на калории и фреквенцијата на повторување на истите оброци и закуски.

Подобри резултати со помала разновидност

Оние кои често јаделе иста храна изгубиле во просек 5,9 проценти од телесната тежина, во споредба со 4,3 проценти колку што изгубиле учесниците кои јаделе поразновидна исхрана. Одржувањето здрава тежина е клучно бидејќи значително го намалува ризикот од хронични заболувања, вклучувајќи дијабетес тип 2, срцеви заболувања, мозочен удар и одредени видови рак.

Истражувачите нагласија дека нивната студија не докажала причинско-последична врска, односно дека редовните навики биле причината зошто некои луѓе ослабеле повеќе. Сепак, наодите сугерираат дека поедноставувањето на изборот на храна и одржувањето на стабилно ниво на внесени калории може да им помогне на луѓето да одржат здрави навики.

„Доколку живеевме во поздрава средина со храна, можеби ќе ги поттикнувавме луѓето да јадат поразновидна исхрана. Но, нашата модерна средина е многу проблематична. Наместо тоа, луѓето можеби ќе се чувствуваат поудобно со избор на храна што се повторува бидејќи им помага постојано да избираат поздрави опции, дури и ако тоа значи жртвување на дел од хранливата разновидност“, заклучи д-р Хагерман.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ