Истражувањето, кое фондацијата го спровела заедно со јужноафриканското Министерство за шумарство, рибарство и животна средина и британскиот Универзитет во Ексетер, го навело гладувањето како водечка причина за смрт кај африканските пингвини, пренесува Си-ен-ен.
Според истражувањето, повеќе од 60.000 пингвини угинале поради неухранетост меѓу 2004 и 2011 година на островите Робен и Дасен, кои се две од најважните подрачја за размножување на пингвините во Јужна Африка.
Африканските пингвини се хранат со мали јата риби, како сардини и инчуни, но климатските промени и комерцијалниот риболов значително го намалиле нивниот број, долж јужноафриканскиот брег сардините се сè поретки, што ги принудува пингвините да пливаат многу подалеку од брегот за да најдат храна.
Студијата, исто така, откри дека речиси две децении, бројот на сардини е хронично низок, околу 25 проценти од нивниот поранешен број, во западниот регион на Јужна Африка, додека по должината на брегот на Намибија, поранешно упориште на африканските пингвини, зголемувањето на температурите на океанот, промените во соленоста и прекумерниот риболов предизвикаа популацијата на сардини речиси да исчезне.
Претставничката на Јужноафриканската фондација за заштита на крајбрежни птици, Робин Фрејзер-Ноулис, изјавила дека таа организација минатата година примила 948 пингвини и дека тие биле примени „во најдобар случај слаби“. Според неа, еден возрасен пингвин кој неодамна бил примен тежел само 1,9 килограми, што е помалку од половина од оптималната тежина од околу четири килограми.
„Повеќе не можете да најдете пингвини во дивината кои имаат идеална телесна тежина. Родителите биле толку очајни што ги хранеле бебињата со камења“, изјави Фрејзер Ноулс.
Според ветеринарот Дејвид Робертс, неухранетоста влијае и врз годишното митарење на пингвините.
Африканските пингвини поминуваат низ годишно митарење, за време на кое остануваат на копно и постат до три недели, додека не го исфрлат истрошеното перје и не им порасне ново, за да им биде топло, да можат да пловат и да ловат во студените океански води. Но, кога храната е оскудна, тие не можат доволно брзо да наталожат резерви на масти потребни за преживување, па митарењето може да се одложи или целосно да не успее.
„Доаѓаат со навистина стари, оштетени пердуви и ние мора да ги храниме и да го започнеме циклусот на митарење бидејќи едноставно повеќе не можат да го прават тоа во дивината“, изјави Робертс за Си-ен-ен.
Африканскиот пингвин беше наведен како критично загрозен вид од страна на Меѓународната унија за зачувување на природата во 2024 година, а денес се смета дека во дивината останале помалку од 10.000 парови за размножување.






