вторник, 9 декември 2025

Почесто мирисајте го ова цвеќе: Ја зајакнува меморијата, го намалува стресот и го забавува стареењето на мозокот

Ново јапонско истражување открива дека секојдневното изложување на мирисот на цветовите од роза може да го зголеми обемот на сивата материја во мозокот. Истражувањето го спроведоа научници од Универзитетот во Кјото и Универзитетот во Цукуба.

Фото: Пиксабej

Објавено на

часот

Сподели

Во експериментот учествувале 28 жени кои еден месец нанесувале масло со мирис на роза на облеката. Контролна група од 22 волонтери користела обична вода. По еден месец, магнетната резонанца (МРИ) покажала зголемување на сивата маса на мозокот кај жените кои користеле мирис на роза.

„Ова е прва студија што покажува дека континуираното вдишување на мирисот на цветови од роза ја менува структурата на мозокот“, наведуваат авторите на студијата, додавајќи дека зголемувањето на сивата материја не мора да значи поголеми когнитивни способности, туку дека би можело да игра значајна улога во превенцијата од невродегенеративни заболувања, како што е деменцијата.

Зголемувањето на сивата материја беше особено забележано во задниот цингуларен кортекс (ПЦЦ) – дел од мозокот поврзан со меморијата и асоцијациите. Интересно е тоа што промените се разликувале во зависност од регионот на мозокот.

Амигдалата, која е задолжена за емоциите, и орбитофронталниот кортекс, кој ги обработува мирисите, не покажаа значителни промени.

„ПЦЦ е вклучена во асоцијации на мирис, меморија на мирис, пронаоѓање меморија и семантички процеси“, велат истражувачите.

Се претпоставува дека постојаното присуство на мирисот ја намалува активноста на амигдалата, додека ПЦЦ продолжува да обработува информации и да складира поврзани спомени. Друга можност е мозокот да го доживува мирисот на розите како непријатен, што предизвикува емоционална регулација и дополнително го активира ПЦЦ.

Научниците веруваат дека овие наоди би можеле да придонесат за развој на ароматерапија која го подобрува менталното здравје и пластичноста на мозокот.

„Резултатите од оваа студија сугерираат дека континуираното вдишување на есенцијално масло од роза може да спречи атрофија на мозокот и развој на деменција“, наведуваат авторите.

Понатамошните истражувања на поголем примерок и со различни мириси би можеле да помогнат во намалувањето на ризикот од Алцхајмерова болест, бидејќи е познато дека ПЦЦ е значително намален кај заболените. Во оваа смисла, мирисите како што се парфем или тоалетната вода би можеле да станат едноставен и достапен начин за зачувување на функцијата на мозокот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ