Рамсдел, заедно со Мери Брунков од Сиетл и Шимон Сакагучи од Универзитетот во Осака, ја доби Нобеловата награда за медицина за 2025 година за откритија поврзани со функционирањето на имунолошкиот систем, особено со регулаторните Т-клетки кои го спречуваат телото да ги напаѓа сопствените ткива, пренесува Гардијан.
„Се обидувам да контактирам со него, но мислам дека планинари во зафрлениот дел на Ајдахо“, изјави неговиот колега и пријател Џефри Блустоун.
Нобеловиот комитет имал потешкотии да воспостави контакт и со Брунков, бидејќи и двајцата се од западниот брег на САД, што е девет часа разлика со Стокхолм, но подоцна успеале да стапат во контакт со неа. Генералниот секретар на Нобеловиот комитет, Томас Перлман, рече дека напорите за информирање на Рамсдел за наградата сè уште се во тек.
Рамсдел (64), виш советник во „Сонома биотерапија“, и Брунков (63), виш истражувач во Институтот за системска биологија во Сиетл, заедно во 2001 година идентификуваа клучен механизам што ја регулира имунолошката толеранција, надоградувајќи се на откритието на Сакагучи од 1995 година.
„Нивните откритија поставија темели за ново поле на истражување и го поттикнаа развојот на нови третмани, вклучително и третман на рак и автоимуни болести“, се вели во соопштението.
Победниците ќе поделат награда во износ од околу 1,2 милиони долари и ќе добијат златен медал, кој ќе го врачи шведскиот крал Карл XVI Густаф.
Нобеловиот комитет се соочил со слични ситуации и претходно – во 2020 година, лауреатите за економија Боб Вилсон и Пол Милгром исто така не одговорија веднаш на повиците од Стокхолм.






