Парењето на пингвините е тесно поврзано со достапноста на храна, а помалку морски мраз значи дека ловиштата и местата за гнездење се подостапни во текот на целата година.
Научниците што ги следат популациите на пингвини на Антарктикот очекуваа парењето да се случи малку порано, но беа многу изненадени и од обемот и од брзината на промената, изјави Мартинез.
„Размерот е толку голем што пингвините во повеќето области сега се парат порано отколку во кој било историски запис“, додаде Мартинез, научник на универзитетите Оксфорд и Оксфорд Брукс.
За оваа студија, научниците ги следеле зоните за гнездење на пингвините од видовите џенту, чинстрап и адели во периодот меѓу 2012 и 2022 година, користејќи десетици камери со временски интервал поставени во колонии низ целиот Антарктик.
Џенту пингвините покажале најголема промена: сезоната на парење се поместила за 13 дена порано во текот на една деценија, а во некои колонии дури и за 24 дена.
Ова е најбрза промена на сезоната на парење забележана кај која било птица, а можеби и кај кој било ‘рбетник досега, рекоа научниците.
И адели и чинстрап пингвините исто така ја поместиле сезоната на парење, во просек за околу десет дена.
Антарктикот е еден од регионите што најбрзо се затоплуваат во светот, при што просечните годишни температури таму достигнаа рекордни максимуми минатата година, соопшти овој месец европскиот климатски мониторинг Коперникус.
Точните механизми преку кои растечките температури влијаат врз однесувањето на пингвините сè уште не се целосно разјаснети.
Трите вида традиционално имале различни сезони на размножување, но пораното размножување сега веројатно предизвикува преклопување, зголемувајќи ја конкуренцијата за храна и области за гнездење без снег.
Ова е добра вест за џенту пингвините, природни трагачи прилагодени на поумерени услови, а полоша за чинстрап и адели пингвините.
„Веќе видовме дека џенту пингвините заземаат гнезда што претходно им припаѓале на адели или чинстрап пингвините“, изјави Мартинез.
Бројот на џенту пингвините веќе расте во поблагиот Антарктик, додека чинстрап и адели пингвините, кои повеќе зависат од крил (ситни ракчиња со кои се хранат) и од специфични ледени услови, се во опаѓање.
„Бидејќи пингвините се сметаат за „индикатори за климатските промени“, резултатите од оваа студија имаат импликации за видовите низ целата планета“, изјави Фиона Џонс, коавтор на студијата од Универзитетот во Оксфорд.
Мартинез рече дека е „прерано да се каже“ дали оваа адаптација е корисна или пак пингвините се принудени на драстични промени што би можеле да влијаат врз успешноста на парењето.






