Експертите велат дека за време на сонот, нашиот ум работи на пофлуиден, емоционален и асоцијативен начин. Погледнете што нашите умови не ни дозволуваат да сонуваме:
Мобилен телефон
Познато е дека содржината на нашите соништа обично ги одразува деталите од нашиот буден живот. Без разлика колку многу користиме телефони и други електронски уреди, студиите покажуваат дека тие речиси никогаш не се појавуваат во соништата.
Анализата на 16.000 соништа покажува дека телефоните се појавуваат само во околу 3,55 проценти од женските соништа и во 2,69 проценти од машките соништа. Според научниците, ова е затоа што телефоните не одговараат на функцијата што ја имаат соништата. Тие се развиен одбранбен механизам кој ни помага да ги процесираме опасностите со кои може да се соочиме.
Луѓето имаат тенденција многу повеќе да сонуваат за бури, бегање од диви животни и змии, бидејќи тоа се работи на кои еволуцијата нè програмирала да обрнуваме внимание за преживување. Од друга страна, мобилните телефони не играат улога во нашите соништа бидејќи тие се со нас само мал дел од нашата еволутивна историја.
Пишување
Една од најчудните карактеристики на соништата е тоа што речиси е невозможно да се прочита напишан текст.
Кога нешто напишано се појавува во соништата, луѓето често пријавуваат дека текстот е сведен на бесмислени или апстрактни симболи. Иако некои луѓе се сеќаваат дека можеле да разберат што било напишано во текстот, случаите на читање вистински текст во соништата се исклучително ретки.
Научниците веруваат дека ова е поврзано со основните физиолошки процеси што го придружуваат сонот. Мозочните области поврзани со јазикот се помалку активни за време на РЕМ фазата на спиење, каде што се случуваат повеќето соништа, а оние конкретно поврзани со текст и читање се уште помалку активни. Ова значи дека нашите мозоци не ги обработуваат фините детали од пишаниот текст, што доведува до искривени симболи или поместени страници од текст што понекогаш ги гледаат сонувачите.
Броеви
Ако некогаш сте имале кошмар за тоа како полагате испит по математика, а потоа откривте дека тестот е полн со неразбирливи брановидни линии, не сте сами. Исто како и пишаниот збор, броевите како математички равенки или стрелки на часовникот ретко се појавуваат во соништата. Кога се појавуваат, сонувачите често пријавуваат дека се искривени, нечитливи или се движат и се менуваат кога ќе го тргнат погледот.
Според експертите, ова е неизбежна последица на начинот на кој се структурирани соништата. За разлика од нашиот буден живот, тие не се засновани на реални детали. Во соништата, мозокот ја создава сцената главно одозгора надолу со малку или без надворешни влезови. Па така, ситните детали, како напишан текст или броеви, имаат тенденција да бидат нестабилни или да се трансформираат.
Мириси и вкусови
Ако некогаш сте сонувале за вкусен оброк, добро размислете за тоа што всушност сте доживеале. Можеби сте сонувале дека гледате храна на масата, но речиси сигурно не сте сонувале за вкусот на таа храна.
Едно истражување за искуството на соништата откри дека само еден процент од мажите и нешто повеќе од еден процент од жените пријавиле искуство на мирис во своите соништа. Некои истражувачи сугерираат дека тоа може да биде затоа што церебралните мрежи кои го контролираат мирисот еволуирале во нашето многу далечно минато. Ова би можело да значи дека информациите за мирисот не се преклопуваат со сигналите од визуелните и аудитивните мрежи и е помалку веројатно да бидат вклучени во соништата.
Сепак, тоа исто така може да биде затоа што повеќето едноставно не обрнуваат внимание на мириси и вкусови исто како што тоа го правиме со видот и звукот.






