вторник, 1 април 2025

Парализиран човек повторно застана на нозе по една инјекција на нов третман

Еднократно вбризгување на матични клетки може да стане лек за луѓето парализирани по повреда на ‘рбетниот мозок. Научникот за матични клетки Хидејуки Окано, од Универзитетот Кеио во Јапонија, штотуку објави дека целосно парализиран човек сега може повторно да стои и да научи да оди, откако добил инјекција со репрограмирани матични клетки.

Фото: Пиксабej

Објавено на

часот

Сподели

Пациентот беше еден од четворицата Јапонци кои ја примија инјекцијата набргу откако нивните катастрофални повреди ги оставија парализирани. Вториот пациент во првото истражување од овој вид сега може да придвижи дел од мускулите на рацете и нозете, пренесува Политика.

Иако научниците рекоа дека ќе бидат потребни подолги клинички испитувања, раните резултати укажаа на 50-50 проценти шанса матичните клетки да ја вратат способноста на парализираниот пациент повторно да се движи.

Окано истакна дека медицинското испитување користело индуцирани плурипотентни матични клетки иПС (iPS), што во основа значи дека тие се нормални возрасни клетки кои се репрограмирани да дејствуваат како ембрионски матични клетки пронајдени кај неродените бебиња.

Овие матични клетки имаат моќ да се трансформираат во било кој тип на клетка што му е потребна на телото, што ги прави неверојатно вредни за лекарите кои бараат нови начини за лекување на тешки повреди, пренесува Дејли мејл.

Повеќе од 15 милиони луѓе ширум светот моментално живеат со повреда на ‘рбетниот мозок, најголемиот дел од овие пациенти се мажи.

„Ова е драматично закрепнување. Лицето сега вежба одење“, изјави Окано за пациентот кој може повторно да стои.

Четворица пациенти на возраст над 60 години кои претрпеле повреди на ‘рбетниот мозок добиле инјекција од два милиони иПС клетки директно во оштетената област. Овие клетки, земени од донатори со поддршка на јапонската влада од 2019 година, требаше да се претворат во неврони и глијални клетки, помагајќи да се регенерира ‘рбетниот мозок.

Првиот пациент бил лекуван во 2021 година, а другите во 2022 и 2023 година. По една година следење, истражувачите не забележале никакви несакани ефекти, а половина од пациентите покажале забележителни подобрувања. Пред ова истражување, научниците тестирале други видови матични клетки, но со променливи резултати.

Џејмс Сент Џон, невронаучник од Универзитетот Грифит во Австралија, призна дека „ништо досега не функционирало“.

Научниците користеле клетки од кожата или крвта на возрасен донатор и ги репрограмирале користејќи четири специфични гени, враќајќи ги во состојба на матични клетки.

Овој процес, кој го откри нобеловецот Шино Јаманака, трае неколку недели. Матичните клетки потоа се инјектираат во оштетените области на телото, каде што можат да го регенерираат ткивото, вклучувајќи го и ‘рбетниот мозок.

Иако првите резултати се ветувачки, истражувачите нагласуваат дека се потребни повеќе испитувања за да се утврди ефикасноста на овој метод за различни видови повреди.

„Тоа е одличен позитивен исход. Многу е возбудливо“, додаде Сент Џон, но предупреди дека има уште долг пат пред ова откритие да стане дефинитивен лек за повреди на ‘рбетот.

Сент Џон, кој има спроведено свои испитувања со матични клетки за повреди на ‘рбетниот мозок, истакна дека секоја поединечна повреда е различна и дека истражувачите ќе треба да спроведат уште многу испитувања за да видат дали иПС клетките работат за сите видови повреди или само за одредени случаи на парализа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ