Дрвото на смртта или отровна гуава се некои од имињата на дрвото кое е наведено во Гинисовата книга на рекорди како најопасно во светот. Реткото тропско овошно дрво Hippomane mancinella може да измами со своите слатки плодови низ Флорида, Карибите, Централна Америка и северна Јужна Америка. Но, не се само плодовите токсични, сите делови од дрвото на смртта се исклучително штетни.
Густиот, млечен сок што излегува од кората, листовите и плодот предизвикува изгореници кога ќе дојде во контакт со кожата. Научниците тврдат дека дури и стоењето под дрвото додека врне може да биде фатално. Исто така, имало случаи на привремено слепило предизвикано од чадот од запалените дрвја, што е опасен за дишење.
Поради неговите застрашувачки својства, вообичаено е да се видат знаци за предупредување покрај дрвјата. Иако лесно може да се исече, дрвото на смртта игра значајна улога во локалните екосистеми, обезбедувајќи заштита од ветер и крајбрежна ерозија. Карипските столари со векови го користеле дрвото за правење мебел, откако внимателно го сечеле и сушеле на сонце за да го неутрализираат отровниот сок.
„Вистинската закана од смрт доаѓа од малите тркалезни плодови“, пренесува Би-би-си, додавајќи дека јадењето на плодот претставува најголема опасност. Роџер Хамер, природонаучник и ботаничар, открива дека домородното население на Карибите било запознаено со дрвото и го користело за многу намени – сокот особено се користел за врвовите на стрелите.
Најмногу примероци од озлогласеното дрво растат во Националниот парк Еверглејдс (во делот Фламинго), како и на некои помали острови на Флорида, како што се Елиот Ки и Ки Ларго, па ако се најдете во тој агол од планетата, избегнувајте го опасното дрво по секоја цена.






