недела, 6 април 2025

Отпадот како траен геолошки отпечаток на човештвото

Во далечната иднина, кога човечката цивилизација можеби ќе биде одамна исчезната, трагите што ќе ги оставиме зад себе нема да бидат нашите коски или биолошки остатоци, туку отпадот и вештачките материјали што ги произведуваме. Ова е главната теза на палеонтолозите Сара Габот и Јан Залашевич, автори на книгата Отфрлени: како технофосилите ќе бидат нашето последно наследство.

Фото: Пиксабej

Објавено на

часот

Сподели

Фосилизацијата на природни организми е редок процес што бара специфични услови – брзо закопување, отсуство на кислород и минерализација. Меѓутоа, многу од предметите што ги создаваме денес имаат поголем потенцијал да станат фосили од органските материјали.

„Ние создаваме предмети за да бидат исклучително издржливи – да се спротивстават на временските услови, сончевата светлина, абењето и дури да не бидат изедени од животни,“ објаснува Габот. Ваквата издржливост им дава голема шанса на пластичните шишиња, бетонските згради, мобилните телефони и алуминиумските лименки да се зачуваат како „технофосили“ во идните геолошки слоеви.

Освен тоа, луѓето отпадот го складираат во џиновски депонии. „Таму го изолираме од водата, го завиткуваме во пластика и несвесно создадовме идеални услови за конзервација,“ вели Габот.

Залашевич посочува дека одредени урбани подрачја, како Њу Орлеанс и Амстердам, се градени врз почва што тоне. Поради тоа, „овие градови ќе бидат постепено закопани, а нивните подземни конструкции – метроа, темели на облакодери, цевки – ќе преживеат како огромни фосилизирани структури.“

„Кога ќе се формираат нови седиментни слоеви, зградите ќе се распаднат во урнатини, но дел од тие урнатини ќе се сочуваат под вода, создавајќи ги првите мегатехнофосили во историјата,“ додава тој.

Освен остатоците од нашите градови и технологии, идните истражувачи ќе забележат драматично намалување на биодиверзитетот. „Ако во иднина некој анализира остатоци од нашето време, ќе најде огромен број кокошки и крави – животни што ги одгледуваме за храна,“ вели Габот.

Денес, според неа, само 4 отсто од цицачите на Земјата се диви животни, додека остатокот се домашни и сточарски видови. „Оваа драстична реконфигурација на животот на Земјата ќе биде еден од главните отпечатоци што ќе ги оставиме зад себе,“ заклучува таа.

Човештвото несвесно создава геолошко наследство што ќе биде видливо и по милиони години – пластични фосили, урнатини од бетонски џунгли и сведоштва за масовно намалување на дивиот свет.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ