Фосилите се пронајдени на локација во јужната кинеска покраина Хунан, која Хан Зенг од Кинеската академија на науките ја опиша како „исклучителна“. Тој рече дека повеќе од 50.000 фосилни примероци се собрани од каменолом висок 12 метри, долг 30 метри и широк осум метри, пренесува Си-би-ес њуз.
Кинеските истражувачи идентификувале повеќе од 150 различни видови помеѓу 2021 и 2024 година, од кои 91 се нови за науката. „Многу фосилни откритија сочувале меки делови од телото, вклучувајќи жабри, органи за варење, очи, па дури и нерви“, рече Зенг. Меѓу откриените видови се древни роднини на црви, сунѓери и медузи, како и бројни членконоги, вклучувајќи радиодонти – бодликави предатори со очи на стебла, кои во тоа време биле на врвот на синџирот на исхрана“.
Откритието е особено значајно бидејќи потекнува од периодот веднаш по масовното истребување што се случило пред околу 513 милиони години, кога исчезнале до половина од животинските видови од тоа време, најверојатно поради намалување на нивото на кислород.
Фосилите од каменоломот претставуваат прво големо откритие на организми со меко ткиво кои живееле веднаш по тоа истребување. Оваа фауна, наречена биота хуахуан по округот каде што е пронајдена, „отвора нов прозорец во разбирањето на тој период“, рече Зенг.






