Италијанските стогодишници имаат поголем процент на генетски материјал од западните ловци-собирачи отколку општата популација, откриле истражувачите во студија објавена во списанието Џиросајанс.
Одамна е познато дека долговечноста може да се објасни со добри гени, како и со други фактори како што се нашата околина и секојдневните навики. Некои студии пронашле поединечни гени поврзани со подолг живот, додека други сугерираат дека ДНК на предците можеби игра најзначајна улога.
Италија е земја со еден од највисоките проценти на стогодишници во светот. За да разберат зошто е тоа случај, истражувачите анализирале геноми на 333 стогодишници и 690 здрави возрасни лица од контролната група, на возраст од околу 50 години. Тие ја споредиле ДНК-та на овие лица со 103 антички геноми од четири групи што го сочинуваат современиот италијански генетски фонд.
Тие групи се: Западните ловци-собирачи, неолитски земјоделци од Анадолија, номади од бронзеното време, древните народи во регионите на Иран и Кавказ.
Резултатите покажаа дека оние кои ја доживеале стотата година имале тенденција да поседуваат повеќе ДНК од западните ловци-собирачи од просечната личност.
„Оваа студија за прв пат покажува дека кластерот Вилабруна/западната лоза на ловци-собирачи придонесува за долговечноста кај италијанската популација“, напиша истражувачкиот тим.
Иако сите учесници во студијата носеле мешавина од ДНК од сите четири антички групи, само генетскиот материјал од западните ловци-собирачи бил поврзан со долговечноста.
Всушност, за секое мало зголемување на процентот на ДНК на ловци-собирачи, шансите на една личност да стане стогодишник се зголемувале за 38 отсто. Ова било уште поизразено кај жените, кои имале повеќе од двојно поголеми шанси да доживеат стогодишна возраст доколку имале поголем процент на оваа древна ДНК.
„Претпоставуваме дека варијантите вклучени во оваа особина, долговечност, можеби биле воведени во италијанскиот генетски фонд во дамнешните антички времиња“, велат истражувачите.
Тимот има теорија за тоа како овие гени можат да им помогнат на луѓето да живеат до длабока старост. Тие сугерираат дека овие варијанти биле избрани за време на последното ледено доба, кога нашите предци морале да преживеат во екстремно сурови услови со ограничени извори на храна. Научниците веруваат дека овие гени помогнале во подобрувањето на метаболизмот за поефикасна обработка на храната и зајакнување на имунолошкиот систем за заштита на телото од стресот поврзан со стареењето.






