Гласањето на Академијата е завршено, а номинациите за Оскарите ќе бидат објавени денеска, со два силни фаворити оваа година: „Грешници“ и „Една битка по друга“.
Се очекува двата филма да освојат десет или повеќе номинации, од главната награда за најдобар филм до најдобар актер, како и во новата категорија за најдобар кастинг.
Според некои експерти, овие две продукции на студиото Ворнер Брос би можеле да го срушат рекордот од 14 номинации за еден филм, кој го држат „Сѐ за Ева“, „Титаник“ и „Ла ла ленд“.
Се очекува „Грешници“, историска драма сместена во Америка во 1930-тите, за време на сегрегацијата и прохибицијата, да му донесе на Мајкл Б. Џордан номинација за најдобар актер. Тој толкува близнаци гангстери кои планираат да отворат илегален бар во кој се служи алкохол.
Се очекува филмот да биде номиниран во многу категории, од сценарио до музика.
Но, оваа сезона, барем засега, „Една битка по друга“ на Пол Томас Андерсон доминира на доделувањето награди.
За улогата во филмот, Леонардо ди Каприо, практично има загарантирана уште една номинација за Оскар за најдобар актер – награда што веќе ја освои во 2016 година за „Повратникот“.
Нетфликс, исто така, треба да се искачи на врвот, со очекувани номинации за „Франкенштајн“ на Гиљермо дел Торо, историската драма „Соништа на шини“ за пионерите на американскиот Запад и хит анимираната серија „К-поп ловци на демони“.
Голема новост оваа година е тоа што директорите за кастинг, за прв пат, ќе бидат наградени со Оскар. Оваа нова категорија носи возбуда околу тоа што гласачите ќе го ценат кога ќе оддадат почит на нивниот труд, кој се одвива многу пред самата филмска продукција.






