Во Данска, ако се разбудите на новогодишната ноќ и најдете куп скршени чинии на вашиот праг, според данските стандарди, би се сметале за многу среќни, пренесува Скај њуз, додавајќи дека таму е вообичаено да се фрлаат чинии на влезните врати на пријателите и соседите за да имаат среќа во наредната година.
Во Шпанија, крајот на годината се слави со јадење грозје со секое отчукување на часовникот на полноќ – вкупно 12 зрна грозје, идејата е дека секој грозд носи среќа за секој месец од годината и се верува дека тоа помага и за запознавање на сродна душа во новата година.
Во Шкотска се верува дека првата личност што ќе влезе во вашата куќа во новата година ќе ја одреди вашата среќа, па затоа куќата во која прагот ќе го премине темнокос маж се смета за среќна.
Се смета дека оваа идеја потекнува од времето на викиншката инвазија, кога русокос маж на вратата означувал опасност.
Во Италија, традиција е да се јаде леќа како дел од прославата за да се донесе среќа во новата година – колку повеќе леќа ќе изедете, толку повеќе среќа ќе имате.
Во Романија некои луѓе се облекуваат како мечки за да имаат среќа во новата година, таа традиција датира од времето пред христијанството, кога се верувало дека дивите животни ги чуваат луѓето од несреќи и опасности.
Јапонските обичаи налагаат ѕвоната во храмовите да заѕвонат вкупно 108 пати. Нова Година се слави на 31 декември, а потребни се 26 часа за сите земји во светот да ја дочекаат.






