Ново археолошко истражување носи теорија што би можела целосно да го промени сегашното разбирање за тоа како древните Египќани ги граделе пирамидите.
Научниците сега веруваат дека уште пред 4.700 години користеле напредни методи, вклучувајќи хидрауличен систем за подигнување и специфичен начин на градење во слоеви.
Според Ледбајбл, врз основа на резултатите од истражувањето на пирамидата на фараонот Џосер, таа можеби била изградена со помош на хидрауличен механизам што кревал камени блокови низ центарот на пирамидата, слично на начинот на кој лавата излегува од вулкан.
Клучно откритие се крие под самата пирамида – уникатен вертикален столб за која се верува дека бил користен за подигање на блоковите со помош на вода.
Претходните теории најмногу се потпираа на идејата дека работници превезувале тешки камени блокови со влечење и користење рампи.
Но, новото истражување покажува дека Египќаните можеби користеле и софистицирани инженерски методи кои не биле земени предвид претходно.
Истражувањето беше предводено од д-р Ксавиер Ландро од Францускиот палеотехнички институт ЦЕА во соработка со тим хидролози.
Користејќи сателитски радарски снимки, тие идентификуваа структура позната како Гиср ел-Мудир, карпест комплекс за кој велат дека ги има сите технички карактеристики за контрола на поплавите и седиментите.
„Монументалната линеарна камена структура на јужниот дел на ровот ги комбинира сите технички елементи на постројка за прочистување на водата: резервоар за таложење, обичен резервоар и систем за прочистување. Овој систем веројатно ја насочувал водата без талог кон хидрауличниот механизам во внатрешноста на пирамидата“, објаснува Ландро.
Се поставува прашањето како би можел да функционира систем зависен од вода во пустината. Одговорот лежи во климатските услови на тоа време. За време на Третата династија, Северна Африка била значително повлажна отколку што е денес. Ова бил крајот на периодот познат како Зелена Сахара, во кој имало повеќе дожд, вегетација и достапна вода.
„Пред Четвртата династија, имало повеќе проблеми со поплави отколку со недостиг на вода“, додава Ландро.