понеделник, 2 февруари 2026

Нова студија за поларните мечки на архипелагот Свалбард: Се дебелеат и покрај губењето на морскиот мраз

Возрасните поларни мечки на норвешкиот архипелаг Свалбард во просек ја зголемиле телесната тежина во последните две децении, и покрај намалувањето на арктичкиот морски мраз, се наведува во нова студија.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Истражувачите од Норвешкиот поларен институт, предводени од Јон Арс, анализирале 1.188 мерења на 770 возрасни мечки фатени на Свалбард во периодот од 1992 до 2019 година, пренесува РТЕ. Податоците биле споредени со бројот на денови без морски мраз во Баренцово Море.

Во тој период бројот на денови без мраз се зголемил за околу 100, односно во просек за четири дена годишно. Сепак, истражувањето покажало дека просечниот индекс на телесна кондиција кај возрасните мечки се подобрил по 2000 година, што укажува на поголеми резерви на масти и подобра општа здравствена состојба.

„Тие добиле на телесна тежина во текот на последните две децении, наместо да изгубат,“ изјавил Арс.

Авторите на студијата наведуваат дека можно објаснување за овој тренд е порастот на копнениот плен, како што се ирваси и моржеви, кои претходно биле прекумерно искористувани. Исто така, се сугерира дека со намалувањето на мразот пленот, како што се прстенестите фоки, може да се концентрира на преостанатите површини со мраз, што го олеснува ловот. Сепак, научниците предупредуваат дека понатамошните загуби на морскиот мраз би можеле долгорочно да им наштетат на мечките, бидејќи би биле принудени на подолги патувања до ловиштата, што веќе е забележано кај други популации.

Арс нагласил дека постои праг по кој мечките би можеле да почнат да губат на тежина, додавајќи дека „сè уште не стигнале до тој момент, но очекуваат тоа да се случи во иднина“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ