Во истражувањето учествувале 54 лица на возраст од 18 до 39 години од областа Бостон, поделени во три групи. Од секоја група било побарано да напише неколку есеи користејќи: ЧетГПТ на ОпенАИ, пребарување на Гугл, а една група работела без никакви алатки, пренесува Тајм.
За време на пишувањето, ЕЕГ машината снимила мозочна активност во 32 региони на мозокот. Се покажа дека корисниците на ЧетГПТ покажале најниски нивоа на мозочен ангажман и „постојано имале полоши резултати на невронски, лингвистички и бихејвиорални нивоа“. Во текот на неколку месеци, корисниците на ЧетГПТ станале сè попасивни, а до крајот на студијата, тие честопати само копирале и лепеле содржина од алатката.
Трудот сугерира дека употребата на големи јазични модели (ЛЛМ) може да биде штетна за учењето – особено кај помладите корисници. Иако сè уште не е рецензирано од колеги и големината на примерокот не е голема, водечката авторка на студијата, Наталија Космина, одлучи да го објави за да ги истакне загриженостите дека со оглед на тоа што општеството сè повеќе ги користи ЛЛМ за погодност, развојот на мозокот би можел да биде компромитиран на долг рок.
„Она што ме натера да го објавам пред да помине низ целосна рецензија од страна на колегите беше стравот дека за шест до осум месеци некои лица кои донесуваат одлуки би можеле да речат: „Ајде да воведеме ГПТ во градинките. Мислам дека тоа би било исклучително лошо и штетно“, изјави Космина. „Мозоците во развој се најмногу изложени на ризик.“
Лабораторијата за медиуми на МИТ неодамна инвестираше значителни ресурси во проучување на влијанието на генеративната вештачка интелигенција. Едно претходно истражување, на пример, покажа дека корисниците на ЧетГПТ се чувствуваат поосамени колку повеќе го користат.
Космина, која е редовен истражувач во Лабораторијата на МИТ од 2021 година, сакаше да се фокусира конкретно на влијанието на вештачката интелигенција во училишните задачи, бидејќи сè повеќе ученици ја користат вештачката интелигенција. Така таа и колегите им дадоа задача на учесниците да напишат 20-минутни есеи на теми слични на оние на САТ, како што се етиката на филантропијата и проблемот со премногу избори.
Групата што го користеше ЧетГПТ напиша речиси идентични есеи, без оригиналност, потпирајќи се на истите фрази и идеи. Двајцата професори по англиски јазик кои ги оценуваа трудовите ги опишаа како „бездушни“. ЕЕГ покажа ниско ниво на извршна контрола и внимание. До третиот есеј, многумина едноставно му даваа тема на ЧетГПТ и му го препуштаа поголемиот дел од работата. Тоа беше повеќе како „дај ми готов есеј, поправи ја реченицата и готово“, вели Космина.
Групата која не користела никакви алатки имала најсилна мозочна поврзаност, особено во алфа, тета и делта фреквенциите, кои се поврзани со креативното размислување, меморијата и обработката на значењето. Овие учесници покажале поголема ангажираност, љубопитност и чувство на одговорност за работата, и изразиле поголемо задоволство.
Третата група, која користела пребарување на Гугл, исто така покажала високо ниво на задоволство и мозочна активност. Разликата е значајна, бидејќи денес многу луѓе бараат информации директно во чет-ботови со вештачка интелигенција наместо да користат Гугл.
Откако напишаа три есеи, од испитаниците беше побарано повторно да напишат еден од претходните – но овој пат, групата ЧетГПТ без помош на алатката, а групата „само со мозок“ сега со помош на алатката. Првата група едвај се сеќаваше што напишала, а нивниот ЕЕГ покажа послаби алфа и тета бранови – веројатно знак дека не користеле процеси на длабока меморија. „Задачата беше завршена, може да се каже дека беше ефикасна и практична“, вели Космина. „Но, како што покажуваме во трудот – ништо од тоа не останува интегрирано во меморијата“.
Спротивно на тоа, втората група покажа силно зголемување на мозочната поврзаност низ сите ЕЕГ опсези. Ова ја зголемува надежта дека вештачката интелигенција, доколку се користи правилно, всушност може да го подобри учењето – наместо да го потисне.
„Едукацијата за тоа како да се користат овие алатки и промовирањето на фактот дека мозокот мора да се развива и во аналогна смисла, е апсолутно клучно“, вели Космина. „Потребни ни се закони кои ќе го придружуваат ова, и уште поважно – тестирање на овие алатки пред да бидат широко користени“.






