Благодарение на комбинација од нов метод на мапирање и сателитски набљудувања, тие успеале да ја создадат најдетална мапа на релјефот што се наоѓа под најголемата маса мраз на планетата, пренесува Би-би-си.
Голем научен пробив
Антарктичката ледена покривка покрива речиси 14 милиони квадратни километри и е најголемиот поединечен блок мраз на Земјата. Сепак, и покрај нејзината големина и важност, научниците со децении знаат исклучително малку за тоа каков пејзаж се наоѓа под неколку километри дебелиот мраз.
Парадоксално, човечкото знаење за оваа скриена област било поскромно отколку за површината на далечни планети како Марс или Венера!
Причината за тоа лежи во фактот што директното набљудување низ мразот е исклучително тешко. Токму затоа новото истражување, предводено од меѓународен тим научници од Универзитетот во Единбург, претставува голем научен исчекор.
Мапа клучна за предвидување на иднината
Стручњаците користеле техника позната како Анализа на нарушувања во текот на мразот (ИФПА), а резултатите биле изненадувачки. Новата мапа открила илјадници досега непознати субглацијални ридови и долини, цели планински венци, како и длабоки кањони кои милиони години биле скриени под ледениот покривач.
Професорот Роберт Бингам објаснува дека ледениот покривач на Антарктикот низ милиони години активно го обликувал овој пејзаж. Рамни низини, расечени висорамнини и остри планини денес се целосно скриени под мраз дебел повеќе километри. Според него, новиот метод за првпат овозможува да се согледа како овие различни типови пејзажи се распоредени низ целиот континент.
Откритијата не се само геолошки интересни, туку имаат и огромно значење за разбирањето на климатските промени. Антарктичкиот леден покрив веќе се повлекува и се истенчува поради загревањето на океаните и воздухот. Научниците претходно утврдиле дека грубата подлога под мразот, како „назабени“ планински гребени и нерамни падини, може да го забави неговото движење кон морето, создавајќи триење и отпор.
Токму затоа оваа мапа има клучна улога во предвидувањето на иднината. Таа им помага на научниците попрецизно да одредат каде мразот ќе се повлекува најбрзо, а каде процесот би можел да биде побавен. Ова е од пресудно значење за моделите што го предвидуваат порастот на нивото на морето ширум светот.
„Пополнува огромни празнини“
Главната авторка на студијата, д-р Хелен Окенден, истакнува дека новиот метод „ги пополнува огромните празнини“ во досегашните мапи на Антарктикот. Благодарение на сателитските мерења на површината на мразот, сега е можно да се откријат детали за планински венци, кањони и геолошки граници кои досега биле целосно непознати.
Сличен став дели и Метју Морлигем од Дартмут колеџот во САД, кој нагласува дека разбирањето на релјефот под мразот е клучно за прецизни модели на ледената покривка. Според него, новата мапа ќе овозможи значително посигурни процени за тоа каде и во која мера ќе расте нивото на морето во иднина.
Деталите од истражувањето беа објавени во престижното научно списание „Сајенс“, а експертите истакнуваат дека тие би можеле да станат основа за идни истражувања, но и за глобално разбирање на последиците од климатските промени што влијаат на целата планета.






