Зимското јајце – кое се смета за едно од најубавите креации на познатиот златар – беше купено од анонимен купувач во вторникот, соопшти аукциската куќа Кристи, пренесува Би-би-си.
Јајцето е украсено со 4.500 дијаманти и било нарачано од царот Николај Втори во 1913 година како божиќен подарок за неговата мајка, царицата Марија Фјодоровна.
Претходниот рекорд за Фабержеово јајце беше 8,9 милиони фунти платени на аукција во 2007 година.
Како што е наведено во Кристи, резултатот од аукцијата е нов светски рекорд за Фаберже, потврдувајќи го трајното значење на ова ремек-дело.
Јајцето високо 8,2 см е создадено од Карл Фаберже, врз основа на дизајн на Алма Тереза Фил, една од само двете жени занаетчии во компанијата за накит во Санкт Петербург.
Изрезбано е од планински кристал и украсено со дијаманти сечени во форма на роза, како и мотиви на снегулки од платина, јајцето се отвора и внатре се открива кошница со букет од бело кварцно цвеќе.
Јајцата се изработувале од 1885 до 1917 година, кога царот Николај Втори бил принуден да абдицира.
Традицијата со јајца ја започнал царот Александар Трети, кој секој Велигден ѝ давал јајце на својата сопруга, додека неговиот наследник Николај Втори ги давал како подароци на својата сопруга и мајка.
По погубувањето на царот Николај Втори и неговото семејство во 1918 година, еден лондонски трговец го купил јајцето за 450 фунти, кога осиромашените комунистички власти продале дел од руските уметнички богатства во 1920 година.
Јајцето неколку пати менувало сопственици и се верувало дека е изгубено две децении, сè додека не се појавило на аукција во Кристи во 1994 година, проценето на седум милиони швајцарски франци, а потоа било повторно продадено во 2002 година за 9,6 милиони франци.
Куќата Фаберже направила само 50 јајца за руското царско семејство Романови, а царското зимско јајце е едно од само седумте што останале во приватна сопственост.
Преостанатите јајца или недостасуваат или се во сопственост на институции или музеи.






