Најголемиот обем е достигнат на почетокот на септември, кога дупката изнесувала околу 22,87 милиони квадратни километри, што е околу 30 отсто помалку од рекордната големина од 2006 година, пренесува Еј-би-си њуз.
Озонската дупка означува дел од стратосферата со многу ниска концентрација на озон, а истражувачите истакнуваат дека напорите за ограничување на супстанциите кои ја оштетуваат озонската обвивка покажуваат значителен ефект. Монтреалскиот протокол од 1992 година и неговите измени придонесоа за постепеното закрепнување на озонската обвивка, која би можела да биде целосно обновена подоцна во текот на векот.
Пол Њуман, виш научник на Универзитетот во Мериленд и долгогодишен лидер на истражувачкиот тим на НАСА за озон, нагласи дека овогодишната озонска дупка би била поголема за повеќе од еден милион квадратни километри доколку истото ниво на хлор останело во атмосферата како што било пред 25 години.
Соединенија како што се хлорофлуоројаглеродите (ЦФЦ), порано широко користени во индустријата, значително го оштетиле озонот, додека природните фактори, вклучувајќи ја температурата и атмосферската циркулација, исто така влијаат на промените во озонската обвивка.
Озонската обвивка ја штити планетата од штетното УВ зрачење, а нејзиното слабеење го зголемува ризикот од оштетување на приносите, здравствени проблеми како рак на кожа и катаракта, како и други негативни последици врз животната средина.






