Науката е чекор поблиску до тоа да може точно да го предвиди вашиот животен век врз основа на вашите секојдневни навики, благодарение на нова студија од Универзитетот Стенфорд, пренесува Би-би-си Сајанс фокус.
Истражувачите го следеле однесувањето на 81 африканска тиркизна риба во аквариуми под видео надзор во текот на целиот нивен животен век – односно четири до осум месеци.
Откако анализирале милијарди исечоци од видео снимки, научниците биле во можност да ги поврзат моделите на секојдневно однесување со веројатноста за подолг живот.
„Еден од главните наоди на оваа студија е дека однесувањето е ненаметлив индикатор за процесот на стареење“, изјави за Би-би-си ко-автор на студијата, д-р Клер Бедбрук, биоинженер и невро-научник.
„Тоа сугерира дека следењето на едноставни метрики, како што се активноста и спиењето, во текот на 24-часовен циклус може да ни покаже каде се наоѓаме во процесот на стареење – па дури и да го предвиди нашиот иден животен век.“
Бедбрук објасни дека бидејќи паметните часовници се веќе широко распространети, научниците наскоро би можеле да „разберат и квантифицираат каде се наоѓа поединецот на своето патување од зрелоста до смртта“.
Во меѓувреме, резултатите од оваа студија можат да нè научат за процесот на стареење кај животни со сложен мозок.
Едно од откритијата беше дека уште во раната средна возраст – околу 70 до 100 дена од животот – рибите кои би живееле подолго веќе покажувале различно однесување од оние што умираат порано.
„Мислам дека е многу интересно што бевме во можност да го набљудуваме однесувањето на животно на релативно млада возраст и точно да ја процениме неговата возраст, како и дали ќе живее долг или краток живот“, рече коавторот на студијата, д-р Рави Нат, невро-научник и генетичар.
Научниците забележале и разлики во моделите на спиење. Рибите што живееле подолго спиеле претежно ноќе, додека оние со пократок животен век спиеле повеќе преку ден, дури и во млада зрелост.
Во исто време, поактивните риби – оние што пливаа поенергично, побрзо и спонтано во текот на денот – имаа поголема веројатност да живеат подолго.
Научниците идентификувале вкупно 100 различни „слогови за однесување“, кои се однесуваат на кратки дејства што ги сочинуваат основните елементи на однесувањето на овие риби, и многу од нив ги поврзале со животниот век.
Користејќи модели на машинско учење, истражувачите беа во можност точно да го предвидат животниот век на поединечна риба врз основа на само неколку дена податоци за однесувањето од средина на животот.
Научниците, исто така, откриле дека рибите стареат низ две до шест фази, наместо континуирано – откритие што се совпаѓа со неодамнешните истражувања врз луѓе.
„На почетокот претпоставував дека стареењето е постепен процес, каде што секој ден е малку полош од претходниот“, рече Бедбрук. „Наместо тоа, следењето на однесувањето покажува долги периоди на стабилност прекинати од ненадејни промени, за време на кои животните брзо стареат и влегуваат во нова животна фаза.“
Идните истражувања би можеле да го анализираат однесувањето во поприродна средина, велат научниците, што би им овозможило на рибите поголем социјален контакт едни со други.






