Наместо рамномерно да се шири, универзумот би можел да доживува суптилни, но значајни промени во своето ширење – а клучна улога во ова може да игра темната енергија, чие однесување повеќе не се вклопува во старите модели.
Според новите анализи на податоците собрани од Спектроскопскиот инструмент за темна енергија (ДЕСИ), лоциран во Аризона, темната енергија – невидлива сила за која претходно се сметаше дека рамномерно го забрзува ширењето на универзумот – можеби сепак не е константна. Научниците сега ја разгледуваат можноста оваа мистериозна сила со текот на времето да ја губи својата сила.
Претходниот модел, познат како ламбда-ЦДМ (кој ја вклучува таканаречената ладна темна материја и космолошката константа на Ајнштајн), се засноваше на претпоставката дека ширењето на универзумот се забрзува со фиксна стапка. Но, новите набљудувања би можеле целосно да ја променат таа слика.
Еден од истражувачите, Јашар Акрами од Автономниот универзитет во Мадрид, изјави за Њу Сајанстист дека овие резултати би можеле да ги потресат самите темели на модерната космологија.
Наместо да го отфрлат постоечкиот модел, некои научници предлагаат редефинирање на концептот на темна енергија – повеќе не како непроменлива сила, туку како таканаречено „квинтесенцијално поле“.
Во тој случај, теоријата на квинтесенција би отворила врата за поврзување на космологијата со теоријата на струни, што дополнително ги возбудува теоретичарите ширум светот. „Ако се покаже дека квинтесенцијата навистина ја објаснува темната енергија, тоа би било голема работа за теоријата на струни“, додаде Акрами, пренесува Инди100.
Оксфордскиот астрофизичар Педро Фереира истакна уште една интересна импликација: покрај гравитацијата, која досега играше главна улога во опишувањето на движењето во универзумот, може да постои и нова, „петта сила“ – токму резултат на дејството на темната енергија.
Сè упатува на фактот дека сè уште има многу неодговорени прашања пред науката, но и дека сме на прагот на потенцијално големи откритија кои засекогаш би можеле да го променат начинот на кој го набљудуваме универзумот.