сабота, 12 јули 2025

Научниците го открија најздравиот начин за консумирање кафе

Добра вест за љубителите на црно кафе. Пиењето црно кафе без никакви додатоци е поврзано со намалена смртност, без оглед на причината. Ова е заклучокот од новото истражување на Универзитетот Тафтс, кое покажува дека овој позитивен ефект се губи штом во кафето се додаде крем, млеко или шеќер.

Фото: Пиксабej

Објавено на

часот

Сподели

„Кафето е еден од најчесто консумираните пијалаци во светот“, рече раководителот на студијата и епидемиолог Фанг Фанг Жанг. „Со оглед на тоа што речиси половина од возрасните пијат барем една шолја дневно, важно е да се разбере како тоа може да влијае на здравјето.“

„Здравствените придобивки од кафето веројатно доаѓаат од неговите биоактивни соединенија, но нашите резултати сугерираат дека додадениот шеќер и заситените масти може да ги намалат овие придобивки.“

Во студијата, Жанг и нејзиниот тим анализирале податоци за исхраната и здравјето на 46.000 возрасни лица од 1999 до 2018 година, користејќи национални податоци за смртност за да истражат како различните модели на консумирање кафе можат да влијаат на веројатноста за предвремена смрт.

Пиењето барем една шолја кафе со кофеин дневно може да ја намали смртноста за 16 отсто

Испитаниците биле поделени според тоа дали пијат кафе со или без кофеин, со или без шеќер и со млеко или слатка павлака. Конкретно, тие следеле колку шеќер и заситени масти додаваат испитаниците, со „ниски количини“ се дефинирани како помалку од 5 отсто од препорачаната дневна доза. Тоа би значело помалку од половина лажичка шеќер и не повеќе од две лажици млеко со 2 отсто масти или една лажица павлака.

Анализата покажа дека пиењето барем една шолја кафе со кофеин дневно може да ја намали смртноста за 16 отсто. Овој процент се зголемува на 17 отсто за оние кои пијат 2 до 3 шолји дневно. Пиењето поголеми количини не покажа дополнителни придобивки, а оние кои пијат повеќе од три шолји дневно покажаа послаб позитивен ефект, особено кога станува збор за срцеви заболувања. Истражувачите исто така открија дека здравствените придобивки се намалуваат кога шеќерот и мастите се додаваат во кафето.

Значи, пиењето црно кафе или кафе со многу малку додаден шеќер и масти било поврзано со намалување на смртноста од 14 отсто во споредба со оние кои не пиеле кафе. Сепак, овој ефект не бил забележан кај оние кои консумирале кафе со поголеми количини шеќер или заситени масти.

Коавтор на студијата и епидемиолог Бингџие Жоу додаде: „Нашите резултати се во согласност со упатствата за исхрана кои препорачуваат ограничување на внесувањето на додаден шеќер и заситени масти“.

Иако овие наоди сигурно ќе ги израдуваат љубителите на кафе, авторите предупредуваат на некои ограничувања на студијата, вклучувајќи го и фактот дека податоците се засновани на сопствените изјави на испитаниците за количината и начинот на консумирање кафе. Тие исто така забележаа дека не пронашле врска помеѓу консумацијата на кафе без кофеин и смртноста, но ова може да се должи на малиот број учесници кои пиеле кафе без кофеин.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ