недела, 7 декември 2025

Научниците го открија идеалниот број чекори за здравје: не се 10.000

Луѓето што прават секој ден по 7.000 чекори имаат драматично помал ризик од низа сериозни здравствени проблеми, според најголемата мета-анализа на постоечки докази објавена денес.

Фото: Пиксабej

Објавено на

часот

Сподели

Најчестата цел спомената за луѓето што ги мерат своите чекори е 10.000, но оваа бројка наводно потекнува од маркетинг-кампања за јапонски педометар во 1960-тите години.

За да пронајдат научно попрецизна цел, меѓународен тим истражувачи разгледале 57 претходни студии кои опфаќале 160.000 лица.

Резултатите, објавени во списанието „Лансет јавно здравје“, покажаа дека 7.000 чекори дневно речиси го преполовиле ризикот од прерана смрт од сите причини, во споредба со 2.000 чекори.

Истражувањето, исто така, ги разгледа здравствените проблеми што претходните студии за броење чекори ги пропуштиле.

Седум илјади чекори на ден се поврзани со 38 проценти помал ризик од деменција, 22 проценти помал ризик од депресија и 14 проценти помал ризик од дијабетес. Исто така, се поврзани со пониски стапки на рак и паѓања, но истражувачите предупредуваат дека ова се базира на помал број докази.

„Не мора да правите 10.000 чекори секој ден за да добиете големи здравствени придобивки“, изјави за Франс прес коавторот на студијата Пади Демпси и медицински истражувач на Универзитетот во Кембриџ. „Најголемите придобивки се случуваат пред 7.000 чекори, придобивките генерално се намалуваат после тоа“, додаде тој.

Иако луѓето одат со различна брзина, 7.000 чекори се приближно еквивалентни на еден час одење во текот на денот.

Демпси нагласи дека луѓето кои веќе успеваат да направат 10.000 чекори или повеќе треба да продолжат да го прават тоа. Но, за оние кои сметаат дека 7.000 се многу, тој рече: „Не се обесхрабрувајте“.

„Ако успеете да достигнете 2.000-3.000 чекори дневно, обидете се да додадете уште 1.000 чекори. Тоа се само 10-15 минути лесно одење распоредено во текот на денот“, додаде тој.

Ендрју Скот, истражувач на Универзитетот во Портсмут кој не бил вклучен во истражувањето, рече дека „тоа покажува дека генерално повеќе е секогаш подобро“. „Луѓето не треба да се фокусираат премногу на бројките, особено во оние денови кога (нивната) активност е ограничена“, вели Скот.

Светската здравствена организација (СЗО) препорачува најмалку 150 минути умерена до интензивна физичка активност секоја недела.

Речиси една третина од луѓето во светот не успеваат да ја постигнат оваа цел, според СЗО.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ