понеделник, 9 март 2026

Научници засадиле семе од леблебија во месечев прав

Додека американската вселенска агенција НАСА планира враќање на Месечината во рамките на програмата Артемис, едно прашање сè уште останува – што ќе јадат идните истражувачи на Месечината? Ново истражување наведува дека одговорот е – леблебија, соопшти Универзитетот Тексас во Остин.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Научниците успешно одгледале и набрале леблебија користејќи симулирана месечева почва, што е прв пат оваа култура да се одгледува во таков медиум. Истражувањето, спроведено во соработка со Универзитетот Тексас А&М, е опишано во труд објавен во списанието Сајентифик рипортс.

Сара Сантос, главниот истражувач на проектот, рече дека оваа работа претставува огромен скок во разбирањето што е потребно за одгледување храна на површината на Месечината.

„Истражувањето се занимава со разбирање на одржливоста на одгледувањето култури на Месечината. Како да го трансформираме овој реголит во почва? Какви природни механизми би можеле да ја поттикнат оваа конверзија?“, рече Сантос, пост-докторски соработник на Институтот за геофизика на Универзитетот во Тексас.

Лунарниот реголит е технички термин за месечева прашина. Му недостасуваат микроорганизми и органски материјал неопходни за растителниот живот, и иако содржи есенцијални хранливи материи и минерали за раст, содржи и тешки метали кои можат да бидат токсични за растенијата.

За нивната студија, истражувачите користеле симулирана месечева прашина од лабораторијата „Егзолит лабс“, мешавина што го моделира составот на месечевите примероци донесени од астронаутите на Аполо.

За да создадат идеални услови за одгледување во месечева почва, тимот додал вермикомпост, нуспроизвод од црвени калифорниски дождовни црви кој е богат со есенцијални хранливи материи и минерали и содржи разновиден микробиом. Црвите го создаваат овој производ со консумирање органски материјал, како што се остатоци од храна или облека и хигиенски производи на база на памук, кои инаку би биле фрлени за време на мисиите.

Тимот потоа, пред садење, ја обложил леблебијата со арбускуларни микоризни габи. Габите и леблебиите делуваат во симбиоза – габите апсорбираат одредени есенцијални хранливи материи потребни за раст, додека истовремено ја намалуваат апсорпцијата на тешки метали.

Потоа, тимот на Сара Сантос посади леблебија во мешавина од месечев прав и вермикомпост во различни пропорции.

Тие откриле дека мешавините со до 75 проценти месечева прашина успешно произвеле леблебија подготвена за берба. Сепак, секој поголем процент на месечева прашина предизвикал проблеми, при што растенијата покажувале знаци на стрес и рано венеење. Растенијата изложени на стрес сепак преживеале подолго од оние што не биле обложени со габи, што ја покажува нивната важност за здравјето на растенијата. Понатаму, истражувачите откриле дека габите биле способни да колонизираат и да преживеат во симулантот, што укажува дека ќе треба да се воведат само еднаш во вистинска средина за одгледување.

Иако бербата на леблебија е голема пресвртница, вкусот на овие мешунки и нивната безбедност остануваат отворени прашања. Истражувачите сè уште треба да го утврдат нутритивниот состав на наутот и да се осигурат дека токсичните метали не се апсорбираат за време на процесот на одгледување.

„Сакаме да ја разбереме нивната изводливост како извор на храна. Колку се здрави? Дали ги имаат хранливите материи што им се потребни на астронаутите? Ако не се безбедни за јадење, колку генерации се потребни за да станат безбедни?“, рече Џесика Аткин, докторант на Одделот за науки за почва и култури на Универзитетот Тексас.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ