петок, 27 март 2026

Научници првпат документираа породување на кит: Групна поддршка за мајката и младенчето (ВИДЕО)

Истражувачи за првпат во историјата детално документирале породување на орка во природна средина, при што забележале невообичаено групно однесување и активна поддршка од други единки.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Настанот започнал кога научниците на брод забележале група од 11 орки (еден од најголемите китови со заби) собрани на површината, мирни и со плитки нуркања. По околу еден час, нивното однесување станало поинтензивно, а водата се обоила во црвено, што првично било протолкувано како можен напад. Сепак, набргу станало јасно дека станува збор за породување.

Клучниот момент се случил кога се појавила дванаесетта, значително помала единка – новороденото младенче, кое другите китови го оттурнале кон површината за да може да земе воздух.

Овој настан е анализиран во две научни студии објавени во списанијата „Сајенс“ и „Сајатифик рипортс“ и претставува дополнителен доказ дека и кај други видови, освен човекот, постои форма на помош и поддршка при породување.

„Не станува збор за бабици во човечка смисла, но јасно е дека постоеше координирана поддршка и за мајката и за младенчето“, изјави Ала Малуф, еден од авторите на студијата и експерт за машинско учење и роботика во проектот СЕТИ, непрофитна група за истражување на китови што го евидентирала и анализирала ова пораѓање.

Особено значаен факт за научниците е тоа што дел од присутните единки не биле во сродство со мајката, што укажува дека социјалната соработка кај овие животни не се базира исклучиво на генетска поврзаност.

Породувањата во дивина ретко се документираат, бидејќи повеќето животни избираат осамени и заштитени места. Кај некои социјални видови, како лавови и шимпанза, тоа е и стратегија за избегнување агресија кон младенчињата. Долго време се мислело дека човекот е единствениот вид кој добива помош при породување, делумно поради сложеноста на човечката анатомија.

Сепак, современите истражувања сè почесто покажуваат дека слични облици на однесување постојат и кај други животни, вклучувајќи примати, делфини и глодари.

Китовите орки, познати и по нивната интелигенција и комплексно социјално однесување, се меѓу најистражуваните морски цицачи. Проектот СЕТИ, кој ги проучува овие животни, има за цел со помош на вештачка интелигенција да ги анализира и разбере нивните комуникациски сигнали.

Породувањето било снимено во јули 2023 година кај брегот на Доминика, со комбинација од дронови, подводни акустични уреди и фотографии од бродови. Ова овозможило детална реконструкција на настанот и идентификација на поединечните китови.

Видеото покажува дека младенчето се родило со опашката напред – типично за китовите – а породувањето завршило за околу 34 минути. Во текот на целиот процес, повеќе единки биле во близина на мајката, а по раѓањето вниманието се пренасочило кон младенчето.

Анализата покажала дека клучна група од три женки поминала најмногу време помагајќи му на младенчето да се одржи на површината. Сепак, секоја единка во групата во одреден момент имала активна улога, вклучувајќи и еден млад мажјак, кој бил во фаза на напуштање на групата.

Младенчето речиси постојано било во физички контакт со други китови, најчесто со две единки истовремено, што укажува на висок степен на координација и заштита.

Дополнителната анализа укажува дека една женка имала водечка улога уште пред самото породување, движејќи се блиску до мајката и следејќи го процесот од непосредна близина.

Во друга студија, научниците ги анализирале и гласовните сигнали, при што биле забележани промени во шемите на кликања, нивното времетраење и фреквенција во различни фази.

Истражувачите исто така забележале присуство на други видови китови во близина, меѓу кои и китови-пилоти со кратки перки, но причината за нивното присуство засега не е утврдена.

Според научниците, ова набљудување отвора нови прашања за социјалното однесување кај морските цицачи и укажува на сложени форми на соработка кои допрва треба да се истражуваат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ