Научниците следеле голема и светла ѕвезда која практично исчезнала од нивниот видик во последните фази од својот живот бидејќи веројатно се трансформирала во црна дупка без експлозија на супернова.
Сега може да се детектира само благодарение на суптилното зрачење на преостанатиот гас и прашина кои се загреваат додека ги влече незапирливата сила на гравитација на новоформираната црна дупка.
Ѕвездата, наречена M31-2014-ДС1, се наоѓала во галаксијата Андромеда, сосед на нашиот Млечен Пат, оддалечена околу 2,5 милиони светлосни години од Земјата.
Научниците веруваат дека M31-2014-ДС1 обезбедува најсилен доказ досега дека црна дупка може да се формира без супернова. Следејќи ги податоците собрани во текот на четири децении, тие забележале дека ѕвездата била постојано сјајна до 2014 година, дополнително засјаила во 2015 година, а потоа речиси исчезнала, што се вклопува во моделот на претворање во црна дупка.
„Ова обезбедува набљудувачки докази за формирање на црни дупки во реално време и сугерира дека многу црни дупки можат да се формираат без експлозија на ѕвезда“, изјави астрофизичарот Кишалаи Де од Институтот Флатирон и Универзитетот Колумбија во Њујорк, водечки автор на студијата.
Иако научниците знаат за постоењето на црни дупки повеќе од 50 години, набљудувачките докази за тоа како точно се формираат сѐ уште се многу ретки, пренесува Ројтерс.






