среда, 14 јануари 2026

Научна анализа што ќе разочара многумина: Колкави се шансите дa постојат вонземјани околу најчестите ѕвезди

Прашањето дали постои живот надвор од Земјата, особено сложени, повеќеклеточни организми, е едно од најважните во науката. Додека многумина сметаат дека на планети слични на нашата животот изобилува, има и такви кои веруваат дека условите што овозможиле развој на комплексни организми на Земјата се исклучително ретки и единствени.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Во нова студија, засега објавена само на препринт-сервер, што значи дека сè уште не поминала стручна рецензија, се сугерира дека шансите да пронајдеме докази за постоење повеќеклеточни организми, односно вонземјани, околу најчестите ѕвезди во галаксијата се многу мали.

За планети слични на Земјата кои кружат околу мали, црвени ѕвезди познати како М-џуџиња, често се смета дека се со соодветна големина и на идеално растојание од својата ѕвезда за да можат да имаат услови за живот. Меѓутоа, според истражувачите од Државниот универзитет во Сан Диего, овие светови можеби немаат соодветна светлина неопходна за настанување и развој на повеќеклеточни организми, пренесува Физ.орг.

На Земјата, растенијата и бактериите ја претвораат сончевата светлина во енергија преку фотосинтеза, при што како нуспроизвод се ослободува кислород. За време на Големиот оксидациски настан, пред околу 2,3 милијарди години, значајни количества кислород почнале да се акумулираат во нашата атмосфера, достигнувајќи нивоа потребни за појава на повеќеклеточни организми. Според нашето разбирање, сличен процес би морал да се случи и на други планети за да започне еволуцијата на сложен живот.

Фотосинтезата бара специфичен вид светлина позната како фотосинтетски активно зрачење (ПАР). Тоа е специфичен опсег на сончева светлина (од 400 до 700 нанометри), кој им е потребен на растенијата, алгите и цијанобактериите за да напредуваат. Иако беше познато дека светлината од М-џуџестите ѕвезди како ТРАППИСТ-1 е претежно инфрацрвена (што е надвор од овој опсег), не беше познато колку ова ќе го забави „еволутивниот часовник“.

Со споредување на светлината од овие црвени ѕвезди со онаа од нашето Сонце и со моделирање на производството на кислород кај различни бактерии, тимот пресметал дека – бидејќи овие ѕвезди произведуваат толку малку употреблива енергија – акумулацијата на кислород би била премногу бавна. Потенцијално, на планета како ТРАППИСТ-1e, во најлошото сценарио, би биле потребни 63 милијарди години за преку фотосинтеза да се достигне нивото на кислород што постои на Земјата.

Дури и кога спровеле пооптимистички пресметки, кои претпоставуваат дека вонземјанските бактерии би можеле да се приспособат на светлосните услови или да напредуваат во мрак, временската рамка за камбриска експлозија (еволутивен настан обележан со појава на разновидни сложени организми) и понатаму би надминувала десет милијарди години.

„Заклучуваме дека на таква хипотетичка планета (теоретски свет со големина на Земјата што орбитира околу М-џуџе користен за пресметките во студијата), кислородот никогаш не би достигнал значителни нивоа во атмосферата, а камоли да доведе до камбриска експлозија. Според тоа, комплексниот животински свет на такви планети е многу малку веројатен“, коментираат истражувачите во студијата.

Бидејќи мнозинството ѕвезди во нашата галаксија се М-џуџиња, оваа студија сугерира дека условите потребни за сложена биологија можеби се поретки отколку што претходно се мислело. Сепак, сонот за пронаоѓање живот на друго место не е завршен.

Иако пресметките сугерираат дека системите на црвени џуџиња може да бидат ограничени на едноставен микробен живот, сложените организми сè уште би можеле да постојат на други видови светови. Ова истражување би можело да им помогне на научниците да го фокусираат своето истражување на системи околу тие сонца кои произведуваат светлина со висока енергија потребна за да предизвикаат еволутивна експлозија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ