Ракетата требаше да биде лансирана во март, но откако беше откриено истекување на хелиум, таа беше вратена во зградата за склопување возила во Кејп Канаверал, Флорида, за поправки.
НАСА соопшти дека е уверена дека проблемот е решен и планира да ја врати ракетата на лансирната рампа на 19 март, а најраниот можен датум за лансирање е 1 април, пренесува Би-би-си.
Како што е најавено, екипажот на Артемис го сочинуваат тројца американски астронаути, Рид Вајсман, Виктор Гловер и Кристина Кох, како и канадскиот астронаут Џереми Хансен.
Тие ќе бидат првите луѓе што ќе летаат со таканаречената мега-ракета на НАСА „Систем за вселенско лансирање“ кон Месечината, како и со вселенското летало Орион.
За време мисијата од десет дена, тие треба да патуваат околу другата страна на Месечината, онаа што никогаш не ја гледаме од Земјата, и да се вратат дома.
“Сакаме да бидеме сигурни дека размислуваме за сè што може да тргне наопаку и дека ги проценивме сите ризици за да се поставиме во најдобра позиција за успех”, рече Џон Ханикат, претседател на тимот за управување со мисијата Артемис 2.
Според него, тимот врши извонредна работа во разбирањето, намалувањето и ублажувањето на ризиците, како и во воспоставувањето контроли за управување со ризикот.
НАСА изјави дека нема да се обиде со уште една таканаречена „генерална проба“ откако ракетата ќе биде поставена на лансирната рампа.






