„Ќе дадеме приоритет на испраќање американски астронаути на Марс, а во текот на тие активности неизбежно ќе имаме капацитет да се вратиме на Месечината“, рече Ајзекмен пред сенаторите на комисијата задолжени да го потврдат неговото назначување за шеф на НАСА.
Вселенскиот ентузијаст кој своето богатство го заработи преку онлајн плаќања и неколкупати леташе во вселената на приватни мисии, беше прашан за неговата визија за НАСА, и конкретно за иднината на познатата програма за слетување на Месечината Артемис.
Овој проект, објавен во 2017 година за време на првиот мандат на Доналд Трамп, има за цел да овозможи враќање на американските астронаути на Месечината и воспоставување на постојано човечко присуство на Месечината со цел да се подготват идните мисии на Марс.
Но, поради огромните трошоци и бројните одложувања, неколку критички гласови во новата американска администрација побараа да се ревидира или укине програмата.
Неизвесноста околу програмата е зголемена со изјавите на претседателот Трамп, кој вети дека ќе постави американско знаме на Марс повеќе пати откако се врати на власт во јануари, без да ја спомене Месечината.
Но, исто така, пред сè поради големата блискост на Трамп со милијардерот Илон Маск, за кого црвената планета е опсесија. Маск, познат по своите оптимистички проекции, предвидува дека ќе ја испрати својата ракета Старшип на Марс веќе во 2026 година и дека ќе започне со човечки мисии на таа планета од 2028 година.
Напуштањето на програмата Артемис, во која партнери се бројни други земји, би било како земјотрес за вселенскиот сектор, пренесува агенцијата Франс прес.