Новиот метал за печатење е направен од мешавина на алуминиум и други елементи, кои тимот ги идентификувал со користење комбинација од симулации и машинско учење, соопшти МИТ. Ова значително го намалило бројот на можни комбинации на материјали за тестирање. Додека традиционалните методи би барале симулација на повеќе од еден милион можни комбинации, на новиот пристап на тимот, заснован на машинско учење, му биле потребни да процени само 40 композиции пред да ја идентификува идеалната мешавина за оваа легура со висока цврстина.
Откако ја испечатиле легурата и го тестирале добиениот материјал, тимот потврдил дека, како што било и предвидено, алуминиумската легура е цврста колку и најсилните алуминиумски легури што денес се произведуваат со традиционални методи на лиење.
Истражувачите предвидуваат дека новиот алуминиум би можел да се користи за изработка на поцврсти, полесни и на температура поотпорни производи, како што се лопатките на вентилаторите во млазните мотори. Овие лопатки традиционално се лијат од титаниум, материјал кој е повеќе од 50 проценти потежок и до 10 пати поскап од алуминиумот, или се изработуваат од напредни композити.
„Ако можеме да користиме полесен материјал со висока цврстина, тоа би заштедило значајна количина енергија во транспортната индустрија,“ изјави Мохадесех Тахери-Мусави, која го водела истражувањето како на МИТ, а сега е доцентка на Универзитетот Карнеги Мелон.
„Бидејќи 3Д печатењето може да произведе сложени геометрии, да заштеди материјал и да овозможи уникатни дизајни, оваа легура ја гледаме како нешто што би можело да се користи и во напредни вакуум пумпи, луксузни автомобили и уреди за ладење на дата-центри“, додаде Џон Харт, професор и раководител на Одделот за машинство на МИТ.
Истражувачите сега применуваат слични техники на машинско учење за дополнително да ги оптимизираат и другите својства на оваа легура.
„Нашата методологија отвора нови врати за сите кои сакаат да се занимаваат со дизајн на легури за 3Д печатење. Мојот сон е еден ден патниците што гледаат низ прозорецот на авионот да ги видат лопатките на моторот направени од нашите алуминиумски легури“, изјави Тахери-Мусави.






