Истражувачки тим од Швајцарија и Албанија секој ден нурка на длабочина од три метри, каде што внимателно извлекуваат дрвени столбови кои некогаш носеле куќи, пренесува Ројтерс, додавајќи дека се собираат и коски од домашни и диви животни, бакарни предмети и керамика со детални резби.
Според Алберт Хафнер од Универзитетот во Берн, слични населби се пронајдени во алпскиот и медитеранскиот регион, но населбата во албанското село Лин е околу 500 години постара.
„Благодарение на тоа што е под вода, органскиот материјал е совршено зачуван, што ни овозможува да откриеме со што се хранеле овие луѓе и што одгледувале“, изјави Хафнер.
Охридското Езеро, кое го делат Албанија и Северна Македонија, се смета за најстарото езеро во Европа, старо над милион години. Староста на откриените наоди се утврдува со радиојаглеродно датирање и дендрохронологија, или мерење на прстените на дрвјата.
Според проценките, населбата се простирала на околу шест хектари и била дом на неколку стотици луѓе, но, како што прецизира Ројтерс, по шестгодишно истражување, истражен е само околу еден процент од локацијата. Хафнер истакнува дека жителите на ова езеро одиграле клучна улога во ширењето на земјоделството и сточарството низ Европа.
„Тие сè уште ловеле и собирале, но нивната основна исхрана доаѓала од земјоделството“, додаде тој.
Албанскиот археолог Адриан Анастаси вели дека може да бидат потребни децении за целосно да се истражи локалитетот, кој е најстарата населба покрај езеро во Европа.
„Врз основа на начинот на кој живееле, јаделе, ловеле риби и граделе, можеме да кажеме дека биле исклучително напредни за тоа време“, истакна Анастаси.






