Шигеко Кагава, 114-годишна пензионирана докторка од префектурата Нара, стана најстарата личност во Јапонија по смртта на 114-годишната Мијоко Хиројасу, соопшти јапонското Министерство за здравство, труд и социјална помош, пренесува Асошиејтед прес.
Кагава, симбол на извонредната долговечност на Јапонија, дипломирала медицина пред Втората светска војна, работела во болница во Осака за време на војната, а подоцна водела семејна пракса како специјалист по акушерство и гинекологија.
🗣️ “I’m still enjoying life.” ❤️
Listen to the words of 109-year-old KAGAWA Shigeko, who fulfilled the dream of carrying the Olympic flame with her granddaughter during the #OlympicTorchRelay #HopeLightsOurWay #Tokyo2020 https://t.co/XlwWkwtvzB pic.twitter.com/DK4v3qHHnJ
— #Tokyo2020 (@Tokyo2020) April 13, 2021
Таа се пензионирала на 86 години. Со 109 години, пред Олимпијадата во Токио во 2021 година, Кагава стана еден од најстарите носители на олимписки факел во историјата.
Кагава не прави ништо посебно за да остане здрава, пренесе минатата недела локалниот радиодифузер Ем-би-ес њуз, повикувајќи се на нејзиното семејство. Таа следи редовна рутина, легнува и се буди во исто време, јаде мали порции, но секогаш има три соодветни оброци дневно.
Нејзината претходничка како најстара личност во Јапонија водела подеднакво активен живот. Родена во 1911 година, Хиројасу студирала уметност во Токио, предавала во префектурата Хирошима и одгледала три деца. Починала во дом за стари лица во префектурата Оита, каде што ги поминувала деновите читајќи весници, цртајќи и играјќи карти.
И покрај севкупниот пад на населението, бројот на стари лица во Јапонија продолжува да расте. Од 1 септември 2024 година, рекордни 36 милиони луѓе, или 29 отсто од населението, биле над 65 години, што е најголем процент на стари лица во светот. Луѓето над 80 години сега сочинуваат 10 отсто од населението, според Министерството за внатрешни работи и комуникации. Во цела Јапонија има 95.119 стогодишници.






